По оставката на премиерот Зоран Заев од претседателската функција во Владата и во СДСМ што ја даде ноќеска по поразот на локалните избори, непознато е дали од утринава заменик-претседателката Сања Лукаревска автоматски го презеде кормилото на партијата.
Всушност, засега е непознато со кого од СДСМ претседателот Стево Пендаровски би разговарал за давање на мандатот за формирање нова влада, бидејќи со чинот на поднесување оставка на Заев до Собранието, паѓа целата Влада.
Во СДСМ за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека немаат информации, како за наследникот на Заев, така и за тајмингот кога би ја поднел и официјално оставката до претседателот на Собранието Талат Џафери.
Но, веќе таму се појавија стравувања дали ќе се донесе Буџетот за 2022 година, сега кога е извесно дека ќе падне Владата, а партиите и Собранието ќе се занимаваат со преговори за обезбедување мнозинство, со гласање нова Влада.
„Ако не се донесе Буџетот, Македонија ќе ја снајде катастрофа“, стравуваат пратеници кои се подолго време во Собранието.
Во случај Заев веднаш да ја реализира премиерската оставка, според Уставот, по поднесувањето на оставка до Џафери, тој го известува претседателот Пендаровски. Од тој момент тече рок од 10 дена во кои Пендаровски би се консултирал со партиите кому да го даде мандатот за формирање нова влада. Мандаторот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата. Владата, на предлог на мандаторот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Ако преживее ова парламентарно мнозинство, со нов мандатар, иден премиер и нови министри, ќе владее дури не се распушти Собранието.
И во случај да не преживее ова мнозинство, односно мандатот Пендаровски да го даде на ВМРО-ДПМНЕ, тоа ќе владее исто така, дури не се распушти овој собраниски состав.
Се ова е напишано во член 93 од Уставот:„Владата има право да постави прашање за доверба пред Собранието. Владата има право да поднесе оставка. Оставката на претседателот на Владата, неговата смрт или трајната спреченост да ја врши функцијата, повлекуваат оставка на Владата. На Владата и престанува мандатот кога Собранието се распушта. Владата на која и е изгласана недоверба, која поднела оставка или на која мандатот и престанал поради распуштање на Собранието, останува на должност до изборот на нова Влада“.
Кога ја соопшти двојната оставка, Заев кажа дека ова парламентарно мнозинство ќе се зголеми. Тој им верува на коалиционите партии, иако ДУИ на терен на кандидатите на СДСМ според соодносот на бројките од вториот круг на гласањето, некаде гласачите ги насочувала и за ВМРО-ДПМНЕ да гласаат, како што е случајот во Ресен. Таму во првиот круг водеше кандидатот на СДСМ, за во вториот да се смени расположението на гласачите кои не се ни од СДСМ ни од ВМРО-ДПМНЕ, и да победи тој од опозицијата.
С. К. ДЕЛЕВСКА