На овие локални избори, ВМРО-ДПМНЕ во Битола доби околу 7.000 гласови повеќе во споредба со изборите пред четири години. Новиот градоначалник Тони Коњановски од ВМРО-ДПМНЕ освои 24. 708 гласови, а на претходните избори кандидатот од истата партија Зоран Илиоски имаше 17. 715 гласови. Пораст во гласовите коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ има и во однос на првиот и вториот круг за избор на градоначалник годинава. Имено, Коњановски успеа на свое конто да добие уште над 5.000 гласови во однос на првиот круг.
Во Битола од ниедна друга политичка партија, нити од некој од кандидатите кои беа во првиот круг, а не влегоа во вториот, немаше јавен повик до нивното членство и симпатизери за кого да гласаат за градоначалник во решавачката битка што се одигра вчера.
Со овој резултат, Коњановски е прилично близок до резултатот од ексградоначалникот Владимир Талески во 2005 година, кога го победи кандидатот на СДСМ Златко Вршковски и освои 23.538 гласови. Талески во изминатите пет циклуси останува кандидат од ВМРО-ДПМНЕ кој постигнал најголем успех на локалните избори со освоени 27. 520 гласови во 2009 година.
Сепак, историски резултат засега останува оној на досегашната градоначалничка на Битола Наташа Петровска од СДСМ, која на минатите избори освои рекордни 31.337 гласови, колку што никој во Битола не успеал да има досега. Но, тогаш таа го имаше и гласовите на учесниците во Шарената револуција, кои на изборите подоцна се исцепкаа во други партии и групи. Од нејзиниот резултат до овој на сегашниот кандидат Христо Кондовски кој не успеа да го добие градоначалничкиот мандат, разликата е минус 9.000 гласови. Кондовски освои 4.000 гласа повеќе од првиот круг, но сепак не беа дозволни за да стане градоначалник на Битола.
Ж. ЗДРАВКОВСКА