ЗАЕВ ДА ЈА ОДЛОЖИ ОСТАВКАТА ПОРАДИ СОСТОЈБАТА ВО ДРЖАВАТА, ОДЛУЧИ ЦЕНТРАЛНИОТ ОДБОР НА СДСМ

    ЗАЕВ ДА ЈА ОДЛОЖИ ОСТАВКАТА ПОРАДИ СОСТОЈБАТА ВО ДРЖАВАТА, ОДЛУЧИ ЦЕНТРАЛНИОТ ОДБОР НА СДСМОставката на Заев е одложена за неодредено време за да се спречи нова криза во државата. (Фото: К. Попов)

    Централниот одбор на СДСМ денеска предложил и донесе одлука претседателот на партијата и премиер Зоран Заев да не поднесува оставка од функцијата додека не се реши состојбата во која се наоѓа државата во моментов. По завршувањето на седницата, прес-конференција одржа членот на Централниот одбор и градоначалник на Валандово Перо Костадинов, кој кажа дека оставката на Заев е одложена за неодредено време.

    „Беше отворена плодна дискусија, во која членовите на Централниот одбор имајќи ги предвид случувањата во државата и моментумот во кој се наоѓаме, му препорачаа и едногласно донесоа одлука претседателот на партијата и премиерот Зоран Заев да ја одложи оставката на неодредено време, додека овие процеси не се нормализираат и да работи на тој план. Државата после многу години режим продолжува да се гради според демократски вредности и затоа се исправува на висина на таа задача, и во наредниот период ќе работи за интересите и да се спречи нова криза и ретроградни процеси“, рече Костадинов.

    Тој не сакаше да го коментира најновиот развој на настаните со тоа што пратеникот од Алтернатива Скендер Реџепи ја прифати понудата на ВМРО-ДПМНЕ заедно со 19 нивни пратеници утре да поднесе нова иницијатива за доверба на владата во Собранието.  Костадинов рече дека разговорите во партијата продолжуваат на сите релевантни теми.

    Ако ВМРО-ДМПНЕ со Реџепи поднесат нова инцијатива, редоследот би бил најпрво утре да биде повлечена првата иницијатива за доверба на Владата поднесена вчера со потписи од 61 пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, Беса, Алијанса, Алтернатива и Левица, а за која требаше да се гласа на седницата в четврток. Евентуалната нова иницијатива би била на седница в сабота.

    Претседателот на СДСМ и премиер Зоран Заев по поразот на локалните избори на 31 октомври изјави дека поднесува оставка од двете функции.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира