За Нова година и Божиќ во Струмица ќе биде украсен само плоштадот, а не и целиот град како досега. Ваква одлука донесоа струмичките советници прифаќајќи го предлогот на градоначалникот Костадин Костадинов да се скратат парите за ова намена за речиси 75 отсто, заради енергетската криза. Во буџетот за новогодишно украсување беа планирани 1,5 милиони денари или околу 22 илјади евра, а со новата одлука за ребаланс за таа намена ќе се потрошат максимум 400 илјади денари или неполни 7.000 евра.
Зад ваквиот предлог застанаа сите советници кои сметаат дека за празниците треба да има колку-толку позитивна атмосфера во Струмица, но од друга страна мора да има заштеди на енергијата во услови кога се заканува енергетска криза. Од таа причина беа дадени и сугестии препораки до физичките и правните лица да прават заштеди при користење на енергијата, но и да не се осветлува еко паркот изграден годинава.
„Јас како граѓанин би сакал да ја видам општината украсена, но од друга страна имаме европска енергетска криза заради која Владата има донесено и кризна состојба, затоа сметам и предлагам до Советот да биде донесена одлука да биде украсен само плоштадот“, кажа Костадинов.
Средствата што беа планирани за новогодишно украсување на Струмица, Советот ги пренасочи за проектите од Програмата за уредување на градежното земјиште.
В. ТРАЈКОВ