СЕ НАДЕВАМЕ ДЕКА ДО КРАЈОТ НА СЛЕДНАТА НЕДЕЛА СЕМЕЈСТВАТА ЌЕ ГИ ДОБИЈАТ ТЕЛАТА НА ЗАГИНАТИТЕ ВО АВТОБУСКАТА НЕСРЕЌА, РЕКОА БУГАРСКИТЕ ОБВИНИТЕЛИ ВО СКОПЈЕ

    СЕ НАДЕВАМЕ ДЕКА ДО КРАЈОТ НА СЛЕДНАТА НЕДЕЛА СЕМЕЈСТВАТА ЌЕ ГИ ДОБИЈАТ ТЕЛАТА НА ЗАГИНАТИТЕ ВО АВТОБУСКАТА НЕСРЕЌА, РЕКОА БУГАРСКИТЕ ОБВИНИТЕЛИ ВО СКОПЈЕЈовески со бугарските обвинители Младен Христов Петров и Бисер Јорданов Михајлов на денешната прес-конференција во Скопје. (Фото: К. Попов)

    Се надеваме дека до крајот на следната недела ќе заврши постапката за идентификација на починатите и ќе се изврши предавање на телата на семејствата за погребување, рече денеска во Скопје Бисер Јорданов Михајлов, заменик-окружен јавен обвинител на Окружното јавно обвинителство Перник од Бугарија. Во автобуската несреќа на автопатот „Струма“ во близина на Перник, на 23 ноември загинаа 45 лица од кои 12 деца, а седум патници се повредени, но се надвор од животна опасност.  Македонските државјани се враќале од Истанбул, каде што заминале на 18 ноември.

    Јорданов Михајлов и Младен Христов Петров, истражител во Националната истражна служба на Бугарија, денеска се во Македонија, каде од Јавниот обвинител на Македонија Љубомир Јовески ги преземаа материјалите поврзани со истрагата и со идентификацијата на жртвите во тешката автобуска несреќа во  Бугарија.

    „Денес им ги предадовме профилите на роднините на загинатите со информации во вид на сродство, записници од 8 сведоци, огромен предмет од Министерството за транспорт и врски за ‘Беса транс’ за издавањето на лиценцата, заедно со целокупната документација со која располага Министерството за внатрешни работи (МВР). Сето ова е во интерес на истрагата според меѓународните стандарди. За потребите на обвинителствата на Бугарија и Македонија се обезбедуваат и други докази и се сослушуваат други лица“, рече Јовески на денешната прес-конференција во Јавното обвинителство во Скопје.

    Јовески додаде дека од утре двајца експерти од Институтот за судска медицина ќе одат во Софија за да се забрза постапката за идентификација и забрзување на постапката.

    На новинарски прашања дали има сомневања за корупција, откако автобусот на превозникот „Беса транс“ над 100 пати влегол и излегол од земјава без лиценца, а влегувал и во Бугарија и Турција, Јовески кажа дека тие околности се испитуваат и дека за тоа е отворен предмет во Основното јавно обвинителство.

    Седуммина преживеани кои се в болница во Софија од денеска ќе почнат да се враќаат во Скопје. Министерот за здравство Венко Филипче кажа дека денеска ќе дојдат двајца, 17-годишна девојка и уште еден повозрасен пациент, тие се испишуваат во стабилна состојба но имаат повреди и ќе бидат сместени на Клиниката за пластичната хирургија.

    Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вчера изјави дека автобусот без извод од лиценца, односно со извод од други автобуси на „Беса транс“, во 2020 ја напуштил границата 22 пати, а во 2021 година 113 пати.

    Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски кажа дека возачот на автобусот на „Беса транс“ кој загина во несреќата не бил вработен во компанијата и имал сертификат со важност до ноември 2023, а другиот возач не бил вработен во ниту една фирма и му бил истечен сертификатот во септември лани.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира