Министерот за здравство Венко Филипче денеска кажа дека засега нема да се спроведува задолжителната вакцинација против ковид-19 кај здравствените работици и мерката која беше планирана за вработените во државната администрација и локалната самоуправа. Владата синоќа ја донесе одлуката само за еднократна финансиска награда во висина од 30 денари по пациент за матичните лекари ако достигнат и надминат опфат од 70% со вакцинација на своите пациенти од вкупниот број запишани кај нив, како дел од мерките за поголема имунизација на населението.
- МАТИЧНИТЕ ЛЕКАРИ ЌЕ ГО ЗЕМАТ БОНУСОТ ЗА КОВИД ВАКЦИНАЦИЈА НА ПАЦИЕНТИТЕ ЛЕТОТО 2022, КАЖА ФИЛИПЧЕ
- НЕПРИФАТЛИВО Е ПРИ БЕСПЛАТНИ ВАКЦИНИ ГАЗДАТА ДА ГО ПЛАЌА ПЦР ТЕСТОТ НА РАБОТНИКОТ КОЈ НЕ САКА ДА СЕ ВАКЦИНИРА, РЕАГИРА ОРГАНИЗАЦИЈАТА НА РАБОТОДАВАЧИ
- ПЦР ТЕСТОВИТЕ ДА ГИ ПЛАЌА РАБОТОДАВЕЦОТ, ДОГОВОРИ ФИЛИПЧЕ СО СИНДИКАТИТЕ, ЌЕ ОДЛУЧИ ВЛАДАТА
Владата на седницата на 25 ноември не го прифати предлогот на Комисијата за заразни болести за задолжителна вакцинација на здравствените работници и препорака за имунизација на јавниот и приватниот сектор и побара од Комисијата дополнителни анализи и компаративни студии за предложените мерки, но и предлози за дополнителни мерки за поттик за масовна вакцинација.
„Стигнавме до констатација дека отвора многу сериозни прашања во однос на тоа како евентуално би се казнило некој кој што нема да прифати да се вакцинира. Од друга страна реално, тоа е голем финансиски товар. Ќе видиме каков ќе биде интересот и опфатот со вакцинација во следниот период со оваа препорака преку матичните лекари. Спремни сме да носиме и други препораки. Од друга страна, што ќе се случи со работници кои не можат да го издржат товарот да прават тестови, а не сакаат да се вакцинираат? Тоа значи дека истите тие компании тие работници треба да ги отпуштат. Работодавците во големите фирми, каде што имаат голем број вработени, треба да апелираат да се вакцинираат. Ќе оставиме некое време да видиме дали ќе помогне комуникацијата и апелот на матичните лекари“, кажа Филипче по настан за одбележување на Светскиот ден на борба против СИДА.
Претседателите на Сојузот на синдикатите на Македонија Дарко Димовски и на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита Љубиша Каранфиловски, на 22 ноември му предложија на Филипче, работодавецот, а не вработениот да го плаќа ПЦР тестот ако тој не сака да се вакцинира, а вработениот да добие два слободни платени денови ако се вакцинира.
За Организацијата на работодавачите на Македонија (ОРМ), предлогот е нелогичен, неоправдан и неприфатлив и реагираа зошто работодавачите да ги платат ПЦР тестовите на оние што не сакаат да се вакцинираат против ковид-19, во услови кога вакцинирањето е бесплатно, а одредени работници сепак не ја користат оваа поволност.
Б. НЕСТОРОСКА