НЕПРИФАТЛИВО Е ПРИ БЕСПЛАТНИ ВАКЦИНИ ГАЗДАТА ДА ГО ПЛАЌА ПЦР ТЕСТОТ НА РАБОТНИКОТ КОЈ НЕ САКА ДА СЕ ВАКЦИНИРА, РЕАГИРА ОРГАНИЗАЦИЈАТА НА РАБОТОДАВАЧИ

    НЕПРИФАТЛИВО Е ПРИ БЕСПЛАТНИ ВАКЦИНИ ГАЗДАТА ДА ГО ПЛАЌА ПЦР ТЕСТОТ НА РАБОТНИКОТ КОЈ НЕ САКА ДА СЕ ВАКЦИНИРА, РЕАГИРА ОРГАНИЗАЦИЈАТА НА РАБОТОДАВАЧИЗа Организацијата на работодавачи неприфатлив е и предлогот за платени два слободни дена, бидејќи со ова би се довеле во нерамноправна состојба оние работници кои веќе се вакцинирани. - Од последниот антиваксерски протест во Скопје. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Нелогичен, неоправдан и неприфатлив е предлогот на синдикатите за работодавачите да ги платат ПЦР тестовите на оние што не сакаат да се вакцинираат против ковид-19, во услови кога вакцинирањето е бесплатно, а одредени работници сепак не ја користат оваа поволност, реагира Организацијата на работодавачите на Македонија (ОРМ).

    Претседателите на Сојузот на синдикатите на Македонија Дарко Димовски и на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита Љубиша Каранфиловски, синоќа му предложија на министерот за здравство Венко Филипче работодавецот, а не вработениот да го плаќа ПЦР тестот ако тој не сака да се вакцинира, а вработениот да добие два слободни платени денови ако се вакцинира.

    За овој предлог, како и предлогот за задолжителна вакцинација против ковид-19 за здравствените работници требаше да одлучува Владата на денешната седница, но Министерството за здравство попладнево соопшти дека одлуката се одложува за наредната седница на Владата.

    Организацијата на работодавачи смета дека е неприфатлив и предлогот за платени два слободни дена за вакцинација на работниците, бидејќи со ова би се довеле во нерамноправна состојба оние работници кои веќе се вакцинирани, а за кои претходно не важела оваа поволност.

    Според нив, во време кога компаниите се соочуваат со голема неизвесност и се обидуваат да се обезбедат работа и опстанок на што поголем број работни места, овој трошок би претставувал големо и неоправдано дополнително финансиско оптоварување за компаниите.

    Тие предлагаат други мерки со цел Владата да го поттикне вакцинирањето, како на пример, да воведе различен износ за боледување за вакцинирани и невакцинирани работници, во случај тие да се разболат од ковид -19.

    „Инаку, најголемиот дел од компаниите и досега практикуваа мерки со кои го стимулираа вакцинирањето против ковид-19, како што се исплата на еднократна парична награда за вакцинираните работници, слободен ден за секој вакциниран, бесплатен превоз за вакцинација во Србија, на вакцинираните не им се одбива награда или бонус за отсуство во случај да заболат од ковид -19, како и други стимулативни мерки“, додаваат од Организацијата на работодавачи.

    Стопанската комора на Северна Македонија и денеска го повтори барањето – невакцинираните работници во приватниот сектор кои последните шест месеци не прележале коронавирус задолжително да се тестираат, но на сопствен трошок и тоа со брзи, а не со ПЦР тестови.

    Комората во пресрет на денешната владина седница апелира ако се усвои ваквиот предлог државата да овозможи конторла на движење на цените, односно да ја определи највисоката цена на брзите антигенски тестови за работниците да немаат големи трошоци.

    Комисијата за заразни болести на 17 ноември препорача задолжителна вакцинација против ковид-19 за здравствените работници и препорака за вакцина за вработените во јавниот сектор и локална самоуправа за да може да одат на работа. Филипче тогаш кажа дека препораката за вработените во државните институции се однесува на примена најмалку една вакцина, или негативен ПЦР тест, еднаш неделно на сопствен трошок, или потврда за прележан ковид , или потврда од лекар специјалист дека не се препорачува вакцината поради имунозагрозувачки болести.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира