Откако десетина дена опаѓаше бројот на хоспитализирани пациенти со ковид-19 во модуларната болница во Велес, таа од претпладнево е повторно времено затворена. Утрово таму имало петмина пациенти со проблеми поради коронавирусот, четворица од Велес и еден од Свети Николе. Тие беа префрлени на другите ковид одделенија.
„Од денес се затвора модуларната болница. Пациентите позитивни на ковид се префрлаат на Инфективното одделение, а негативните со продолжено болничко лекување на Интерно одделение“, кажа д-р Елена Левкова-Ќулумова, портпаролка на Велешката болница.
Монтажната ковид болница во Велес почна со работа на 17 март и работеше до 26 мај, кога поради малиот број пациенти беше затворена. Во вториот период примаше пациенти три месеци, од 4 септември до денес.
Во Велешката болница претпладнево беа згрижени 28 пациенти, од нив 16 се позитивни, четворица се непотврдени и осум негативни но со потреба од продолжено болничко лекување, а на кислородна поддршка се 13 лица. Освен што се намалуваше бројот на пациенти со ковид-19 во Болницата, деновиве се намалува и бројот на активни случаи. Има сѐ повеќе оздравени отколку новозаразени.
Заклучно до вечера во Велешко имаше 327 активни болни од ковид-19. Во ноември по компликации од ковид-19 починаа 32 лица.
Продолжува вакцинацијата, но со намален обем. Заклучно до 27 ноември, вакцинирани се 48 отсто од населението над 12-годишна возраст или во категоријата над 18 години има одѕив од 52%.
Од почетокот на месецов во пунктот во Здравствен дом Велс се аплицира единствено вакцината на „Фајзер“.
П. ПЕЧКОВ