САД подготвуваат жестоки одговори поради можна руска инвазија во Украина, било кажано на вчерашните разговори помеѓу Џо Бајден и Владимир Путин. Дискутирајќи преку видеоврска зад затворени врати, Бајден му се заканил на Путин со силни економски и други мерки, загрижен што Русија трупа десетици илјади војници на границата. Русија инсистира дека не планира да ја нападне Украина, која пак очекува тоа да се случи на крајот на јануари.
Путин ја обвини Украина за провокација и побара гаранции дека НАТО нема да се шири кон исток и нема да распоредува оружје близу Русија.
Бајден и Путин разговарале два часа преку тајна видеоврска која никогаш досега не била користена. Деталите не излегоа во јавност, но советникот за национална безбедност на САД, Џејк Саливен, кажа дека Вашингтон е подготвен жестоко да одговори во наредните недели ако биде потребно.
„Работите што не ги направивме во 2014 се подготвуваме да ги направиме сега. Претседателот беше кристално јасен каква е позицијата на САД по ова прашање. Тој директно му кажа на Путин дека ако Русија ја нападне Украина, САД и европските сојузници ќе одговорат со силни економски мерки“, изјави Саливен.
Тој додаде дека ако биде потребно, САД ќе ги снабдат Украинците со дополнителен одбранбен материјал, но американски сили нема да се ангажираат.
Според рускиот советник за надворешна политика Јури Ушаков, Путин му рекол на Бајден дека Русија никому не се заканува и дека руските трупи се наоѓаат на руска територија.
„Санкциите не се ништо ново. Тие се на сила веќе долго време и нема да имаат ефект“, рече Ушаков.