КУМАНОВСКАТА БОЛНИЦА 4 ГОДИНИ НЕМА МАМОГРАФ, ЛЕКАРИТЕ НЕМААТ УВИД КОЛКАВ Е БРОЈОТ НА НОВИ БОЛНИ ОД РАК НА ДОЈКА

    КУМАНОВСКАТА БОЛНИЦА 4 ГОДИНИ НЕМА МАМОГРАФ, ЛЕКАРИТЕ НЕМААТ УВИД КОЛКАВ Е БРОЈОТ НА НОВИ БОЛНИ ОД РАК НА ДОЈКАВо Општата Болница Куманово мамографот кој беше стар 34 години се расипа во октомври 2017, а веќе 4 години здравствените власти најавуваат дека ќе се набави нов апарат. (Фото: СДК.МК)

    Повеќе од 4 години не работи мамографот во Кумановската болница, па 30 илјади жени се оставени без соодветна здравствена заштита. Стариот апарат, кој беше донација, се расипа уште во октомври 2017 , па оттогаш пациентите можат да се прегледаат само на ехо, а за мамограф плаќаат приватно или одат во околните градови и Скопје.

    Во Североисточниот Регион мамограф има само во Кратово, додека од соседните општини и во Свети Николе.

    Лекарите специјалисти од Одделението за рентген и дијагностика во Општата болница Куманово, велат дека за нив е несфатливо како со години не може да обезбеди мамограф за една регионална здравствена установа која покрива 10 отсто од вкупната популација во државата. Со тоа се намалува квалитетот на услугата и се губи довербата во јавното здравство, бидејќи болните наместо на мамограф им прават преглед на ехо апарат.

    „Веќе цел град знае дека немаме мамограф и ретко кој доаѓа кај нас. Одат на приватно или по другите градови на преглед. Но, не сите имаат финансиска можност да платат, па затоа не се реагира на време. Оние што ќе дојдат кај нас ние ги прегледуваме само на ехо, и за жал доаѓаат во понапредна фаза. Касно се открива болеста и поради тоа имаме зголемен број на смртни случаи. Ехото не е метод за рано откривање на карциномот, си треба мамограф, да се прави скрининг. Сите сме потенцијални пациенти, нема правило кој е следниот и затоа Министерството за здравство под итно треба на листата на приоритети да ја стави набавката на мамограф“, велат разочарано лекарите, кои поради тоа што не вршат прегледи немаат увид колкав е бројот на новозаболени од рак на дојка во изминатиот период.

    Во овие 4 години, министерот за здравство Венко Филипче при секоја посета на градот цврсто ветуваше дека мамографот ќе се купи најбрзо што може и дека истовремено ќе се направи набавка за сите региони, но Куманово извиси.

    Директорката на Кумановската болница д-р Снежана Захариева признава дека е голем проблем што немаат мамограф, вели дека имало обиди да се набави апаратот и почнала постапката во Министерството, но почнала ковидкризата и акцентот беше ставен на други работи, како што е доградбата на ургентниот хируршки центар, изградба на котлара за затоплување на гас, набавка на компјутерски томограф, рентген апарат и друга апаратура.

    „Крајно време е да се потрудиме со сите сили да дојдеме и до мамограф, бидејќи голем е бројот на жени во Куманово кои се принудени да одат во други градови за да направат скрининг, еден превентивен преглед, а некогаш и дијагностички, заради рано откривање на карцином на дојка. Болеста е прилично раширена, околу 200 до 300 случаи на годишно ниво се пријавуваат како случаи коишто се упатени на испитување. Не сите се излезени како карцином, меѓутоа потребна е прво превенција, а потоа и навремено откривање и третман на крциномот“, вели Захариева.

    Таа додава дека старосната граница на заболените од карцином на дојка се поместува и се помлади лица заболуваат. Во Куманово во 2019  имало 219 заболени, од кои 6 биле мажи, а десетина случаи биле од околните од општини во кумановско.

    Радиолозите кажуваат дека на одделението ќе има проблем и со стручен кадар, бидејќи во моментот работат 5 лекари специјалисти, но двајца се пред пензија. Во тек е специјализација за млади лекари, но тие ќе почнат со работа за 4 години.

    Во Здружението за борба против рак „Борка“, немаат статистика колку жени од Куманово се заболени од рак на дојка во изминатиот период, но велат дека голем број на кумановки доаѓаат кај нив за помош и совет, меѓу кои и позајмување на перики, по последиците од инвазивниот третман на болеста.

    Според Светската здравствена организација околу 2,3 милиони нови случаи на рак на дојка биле дијагностицирани минатата година, што претставува 11,7% од сите случаи на рак. Кај жените, ракот на дојка е најчесто дијагностициран карцином и водечка причина за смрт од рак ширум светот.

    С. НИКОЛИЌ


      ГЛАСНО - во САКАМДАКАЖАМ.МК пријавете проблеми во здравствениот систем


      Почитувани читатели, ни треба вашата помош за заедно да ги откриеме, истражиме и придонесеме за решение на какви било проблеми што го отежнуваат или оневозможуваат пристапот до квалитетна услуга во јавното здравство. Пишете ни за вашите проблеми со здравствените институции низ целата земја. Ви благодариме на довербата.

      Симнете ја мобилната апликација

      ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира