ЦЕВКОВОДОТ ОД ЛЕШНИЦА БИЛ ПУШТЕН БЕЗ ТЕХНИЧКИ ПРИЕМ, ГРАДОНАЧАЛНИКОТ КАСАМИ ЌЕ ПРАВИ РЕВИЗИЈА

    ЦЕВКОВОДОТ ОД ЛЕШНИЦА БИЛ ПУШТЕН БЕЗ ТЕХНИЧКИ ПРИЕМ, ГРАДОНАЧАЛНИКОТ КАСАМИ ЌЕ ПРАВИ РЕВИЗИЈАТетово цека едела има рестрикции з ода поради дефектот на цевководот кој е на тешко пристапен терен. (Фото: СДК.МК)

    Во Тетово веќе седми ден има рестрикции на водата за пиење, поради големиот дефект на цевководот со кој градот се снабдува со вода за пиење од зафатот на реката Пена во месноста Лешница на Шар Планина. Тешкиот и непристапен терен ги спречува вработените од ЈКП „Тетово“ брзо да го санираат дефектот, но градоначалникот Билал Касами обвинува дека честите дефекти се поради тоа што целиот овој проект е погрешно и неквалитетно изведен и најави дека ќе прави негова ревизија, па дури е можно и затворање.

    „Кога мислиш дека не може да биде полошо, ти доаѓа уште полошо. Не можев во ниеден случај да замислам дека водовод кој е сега изграден и за кој се потрошени милионски суми, не може да биде функционален. Откако стапив на должност ова е веќе 4 пат како се јавува голем дефект на цевководот. Ние поправаме на едно место, набрзо цевката пукала на друго место. Ова е затоа што целиот проект е со недостатоци, прво трасата е сменета и е поставена на делови каде има свлечишта, второ, според информациите, дебелината на цевката не е според проектираната дебелина и не може да го издржи големиот притисок на водата. Така, има издржани сомневања дека целиот проект е реализиран без потребните стандарди“, изјави градоначалникот Касами.

    Тетово со вода за пиење се снабдува од изворите на Шар Планина како и од овој цевковод преку кој се добиваат неопходните 100 до 150 литри вода во секунда и тоа во сушните месеци. Тој започна да се гради уште во времето на градоначалникот Сади Беџети, но тој не успеа целосно да го заврши. Кога градоначалничка стана Теута Арифи, продолжија работите околу изградбата. Беа вложени големи дополнителни пари, беа ставени нови цевки бидејќи, како што тогаш соопштија од Општината, постоечките не биле според пропишаните стандарди. Сега, градоначалникот Касами го вели истото, цевководот не бил граден според стандардите.

    „Јас од вчера дадов налог да се формира комисија која ќе направи ревизија на целиот проект. За информација на јавноста, сé уште нема направено технички прием на системот на довод на вода од Лешница до филтер-станицата кај село Лисец. Откако комисијата ќе направи ревизија, ќе излеземе со информација за тоа колку тој проект ќе ја чини Општината за да профункционира како што треба. Всушност, ќе треба да видиме дали ќе имаме сметка и можност тој систем да го ставиме во функција или ќе треба да бараме негова алтернатива. Поради тоа што се случувало во претходните години ние излегуваме со информација дека овој систем тешко ќе може да се стави во функција“, вели градоначалникот Касами.

    Цевководот заедно со филтер-станицата беа пуштени во употреба во 2017 и оттогаш повеќе пати се случувале големи дефекти поради кои во Тетово честопати имаше по неколкудневни рестрикции на водата за пиење.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира