Без разлика кој е на чело на институциите, надвор од политиката, Владата и Општината ќе дејствуваат заедно во санирањето на штетите од земјотресот во Битола, тоа ќе биде модел за решавање на проблемите и враќање на довербата на граѓаните во системот, најави вицепремиерот Љупчо Николовски како претставник на владината делегација која денес имаше координативна средба со градоначалникот на Битола Тони Коњановски. Иако во владината делагција беа претставници на СДСМ и ЛДП, а локалната власт во Битола е предводена од ВМРО-ДПМНЕ, тие се договорија заеднички да делуваат.
„Се обврзуваме заеднички да направиме сè што е во интерес на граѓаните. Институциите мора да работат заеднички и сите правни легислативни инструменти кои законите ги даваат низ постапките и процедурите да ги спроведиме час поскоро. Особено во оние инстутуции кои се круцијални и фундамент на животот во Битола, градинките, школите, болницата, со цел што побрзо да се направи проценката, а штетата ќе биде надоместена преку програмите на Владата. Ова е период кога програмите се носат и Владата ја изрази целосната подготвеност овие потреби да ги вгради и што побрзо да се санираат штетите“, рече Николовски.
Министерот за локална самоуправа Горан Милевски кажа дека постапката ќе се одвива на две нивоа, едно за институциите каде санациите мора да бидат итни и друго за индивидуалните објекти, каде се обврзаа дека проценката ќе биде побрза од законскиот рок кој е 360 дена.
„Едното ниво е брза санација на јавните инстутуции, бидејќи болницата мора одма да се стави во функција, а независно од тоа што училиштата и градинките се на локално ниво, сметаме дека целосно треба да ги исфинансираме во реновирањето преку програмите на министерствата. Комисијата што е можно побрзо да даде проценка и да може брзо да се интервенира со средства од ресорните министерства“, рече Милевски.
Тој уште посочи дека штетите во пограничните села се уште поголеми. Неопходна е проценка за состојбата на училишните згради, ако има оштетувања Министерството за образование ќе мора да обезбеди други простории за учениците.
„Она што значи обештетување на граѓаните, законски Комисијата во 360 дена треба да поднесе извештај. Но, заеднички се согласивме Комисијата тоа да го направи што побрзо и пообјективно, за финансиските средства да одат кај вистинските граѓани кои имаат штета, да не се злоупотребува ситуацијата. Заеднички, Општина Битола и Владата, со процент кој е законски утврден да влезат во обесштетување’, рече Милевски.
Гоце Георгиевски од Комисијата за проценка и утврдување на висината на штетата од елементарни непогоди, рече дека дури не се направи целосна проценка не може да каже колкав процент од штетите ќе покрие Владата.
Само вчера имаше над 100 пријави на штети од граѓани. Градоначалникот Коњановски кажа дека Комисијата во придружба на претставници од Институтот за земјотресно инженерство (ИЗИИС) се на терен и веќе вршат проценки. Ако напливот на барања за отштета е голем ќе формираат и втора комисија.
Ж. ЗДРАВКОВСКА