ЃОКОВИЌ ПРЕД ДЕПОРТАЦИЈА, АВСТРАЛИЈА ПОВТОРНО МУ ЈА УКИНА ВИЗАТА

    ЃОКОВИЌ ПРЕД ДЕПОРТАЦИЈА, АВСТРАЛИЈА ПОВТОРНО МУ ЈА УКИНА ВИЗАТАЃоковиќ ќе има уште една можност да се жали (Фото: АП)

    Австралија по вторпат му ја укина визата на Новак Ѓоковиќ, кој сега се соочува со депортација. Тој уште еднаш ќе може да го предизвика ова на суд, во обид да остане во земјата и игра на Отвореното првенство на Австралија, кое почнува в понеделник.

    „Денеска ги искористив моите овластувања да ја укинам визата на Новак Ѓоковиќ, што е во здравствен и јавен интерес на земјата. Владата на Скот Морисон е силно посветена кон заштитата на границите на Австралија, особено во врска со пандемијата на ковид-19“, се вели во изјавата на министерот за имиграција Алекс Хок.

    Тој се огласи пет дена откако федералниот суд во Мелбурн ја поништи одлуката да му се укине визата на Ѓоковиќ, при што му беше дозволено да излезе од имиграцискиот притвор и да тренира.

    Оваа одлука значи дека Ѓоковиќ можеби ќе добие и тригодишна забрана за влез во Австралија.

    Организаторите на Отвореното првенство на Австралија му дозволија на Ѓоковиќ да учествува иако не е вакциниран против ковид-19, што е главен услов за влез во земјата. Тој доби дозвола за медицинско изземање од вакцинирањето врз основа на тоа што имал позитивен тест за коронавирус на 16 декември. Австралиските власти во ноември ја известиле Тениската федерација дека скорешна зараза со коронавирусот не е нужна основа за изземање. Во меѓувреме се дозна дека Ѓоковиќ ги кршел правилата за изолација во својата земја и дека дал лажна изјава дека не патувал 14 дена пред доаѓањето во Мелбурн минатата среда, кога визата првпат му беше поништена.

    Според адвокатот од Мелбурн, Кијан Боун, адвокатите на Ѓоковиќ ќе имаат екстремно тешка задача да се изборат за судски наредби преку викендот со цел тој да може да игра следната недела.

    „Една одлука е за спречување депортација, како онаа што ја доби првиот пат. Втората е да му се нареди на Хок да му одобри виза на Ѓоковиќ. Такво нешто би било речиси преседан, многу ретко судовите му наредуваат на член на владата да одобри виза“, изјави Боун за агенцијата АП.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира