Министерството за внатрешни работи (МВР) треба да казнува за паркираните коли на Плоштад ВМРО, реагира директорот на ЈП „Градски паркинг“ Бојан Христовски. Откако САКАМДАКАЖАМ.МК денеска објави дека коли секој ден слободно се паркираат на Плоштадот ВМРО кој се наоѓа пред просториите на скопското јавни претпријатие „Градски паркинг“, Христовски вели дека иако немаат директна надлежност од утре ќе иницира акција за решавање на овој проблем.
„Ние како претпријатие можеме да казнуваме само на нашите паркинзи доколку не се плати за паркирање. На јавна површина надлежноста е на МВР. Ниту пајакот може да интервенира ако нема полицаец со него. Точно е дека оваа слика се случува пред нашите простории и сум ги видел паркираните коли. Затоа утре ќе покренам иницијатива да се реши овој проблем и просторот да биде пешачка зона како што доликува“, вели Христовски додавајќи дека е на функција само една недела. Тој на оваа функција дојде од работно место во Министерството за внатрешни работи.
Плоштадот е паркинг неколку месеци, откако летово работници поради градежни работи на градилиштето за „Беко“ ги тргнаа столпчињата, па возила влегуваат по пешачката патека и ја окупираат. Дел стојат паркирани и пред белата палата на партијата ВМРО-ДПМНЕ.
Плоштадот ВМРО беше изграден во 2016 и чинеше околу 1,5 милиони евра, пари кои беа обезбедени од буџетот на Град Скопје. Фонтаната е изведена по идејно решение на Елена Дуковска. На врвот стои лав, а на столбот релјефи од историјата на ВМРО.