ВО МАКЕДОНИЈА НЕ СЕ ВОДИ ЕВИДЕНЦИЈА КОЛКУ ДЕЦА ОСТАНАЛЕ СИРАЦИ ПОРАДИ КОВИДОТ

ВО МАКЕДОНИЈА НЕ СЕ ВОДИ ЕВИДЕНЦИЈА КОЛКУ ДЕЦА ОСТАНАЛЕ СИРАЦИ ПОРАДИ КОВИДОТВо светот, над 1,5 милиони деца останале без најмалку еден родител или старател во првата година на пандемијата. (Фото: СДК.МК)

Во Македонија не се води прецизна евиденција во бројки колку деца останаа без родителска грижа поради смрт на родителите од ковид-19, па им се назначени старатели или пак се згрижени во групен дом или згрижувачко семејство. Од Министерството за труд и социјална политика велат дека посебна евиденција по однос на причините поради кои децата останале без родители не се води, со оглед на тоа дека сите деца имаат право на ист третман и грижа од институциите надлежни за ова прашање. Исто така, и од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) велат дека за анкетирање на позитивните лица користат анкета од Светската здравствена организација (СЗО), во која не постои такво прашање.

„Центрите за социјална работа постапуваат за сите деца без родители и родителска грижа на ист начин, без оглед на причините поради кои децата се нашле во ситуација да ги изгубат двата родитела. Посебна евиденција по однос на причините не се води, со оглед на тоа дека сите деца имаат право на ист третман и грижа од институциите надлежни за ова прашање. Постапката за згрижување на децата и поставување на згрижувач/старател од центрите за социјална работа е еднаква за сите“, велат од Министерството.

Од таму објаснуваат дека согласно Законот за семејството, ако еден од родителите е умрен детето продолжува да живее со другиот родител, без обврска да се евидентира во центарот за социјална работа. За децата со починати родители, ако нема кој да се грижи за нив, грижата ја презема Центарот за социјална работа. Ним им се назначува старател кој ќе ги штити нивните права и интереси. Ако детето не живее со старателот, се обезбедува згрижувачко семејство кое е најсоодветен облик на заштита на децата, бидејќи е најблизок до семејното опкружување или пак оди во мал групен дом.

Од Одделот за епидемиологија на заразни болести при Институтот за јавно здравје велат дека не водат евиденција за тоа колкав е бројот деца кои останале без родителска грижа поради смрт на родителите од ковид-19.

„За анкетирање на позитивните лица се користи анкетата која е изработена од СЗО. Во таа анкета не постои такво прашање од каде би можеле да црпиме таков податок, но во секој случај, тоа не е во доменот на обработка на заразните болести“, велат од Институтот за јавно здравје.

За тоа дали и кој води евиденција за ковид-сирачињата и дали има планови за посебна помош на овие деца во земјава, не добивме податок ниту од локалната канцеларија на УНИЦЕФ.

Според проценката во студија на медицинскиот журнал „Лансет“, од март 2020 до април 2021 поради коронавирусот во светот милион и 134 илјади деца останале без најмалку еден родител или баба/дедо кои им биле законски старатели. Милион и 562 илјади деца останале без најмалку еден родител или старател. Највиска стапка на деца кои останале сираци има Перу, а следат Јужна Африка, Мексико, Бразил, Колумбија, Иран, САД, Аргентина и Русија. Бројот на деца кои останале сираци го надминува бројот на починати на возраст од 15-50 години. Помеѓу два и пет пати повеќе деца имале починати татковци отколку мајки.

Според евиденцијата во САД, над 167.000 деца изгубиле најмалку еден родител или примарен старател поради ковид-19. Д-р Чарлс Нелсон, професор по педијатрија и психологија на Медицинскиот факултет во Харвард, ги нарекува ове деца ковид-сирачиња и ова го смета за скриена цена која ја наплаќа пандемијата.

„Ако децата тагуваат за загубата на нивните родители и ако таа тага не се препознае и не се лекува, краткорочните ефекти може да станат долгорочни ефекти. Откако ќе изгубат родител, децата се чувствуваат како светот да е превртен наопаку. Им треба поддршка и чувство на сигурност од возрасен кој е тука за нив во секое време. Она што ни треба е заштитна мрежа што веднаш ќе се постави за тоа дете навистина да биде заштитено од возрасните“, вели д-р Нелсон.

Од Министерството за женско здравје и деца на Индија, која беше многу погодена од делта сојот, на крајот на 2021 објавија дека и двајцата родители на 577 деца починале од коронавирус помеѓу 1 април и 25 мај. Владата таму најави мерки за помош на сирачињата, со фонд од околу 13.970 долари одвоени за секое дете. Парите ќе им бидат дадени како стипендија кога ќе имаат од 18 до 23 години. Некои земји, како Перу која има 33 милиони жители и над 93.000 ковид-сирачиња, на децата им даваат по 50 долари месечна ковид пензија.

Ж. ЗДРАВКОВСКА

 

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира