СЕ ПОЛНАТ СО БОЛНИ ОД КОВИД АМБУЛАНТИТЕ И БОЛНИЦИТЕ ВО ОХРИД, РАСТЕ И БРОЈОТ НОВОЗАБОЛЕНИ ВО ВЕВЧАНИ

    СЕ ПОЛНАТ СО БОЛНИ ОД КОВИД АМБУЛАНТИТЕ И БОЛНИЦИТЕ ВО ОХРИД, РАСТЕ И БРОЈОТ НОВОЗАБОЛЕНИ ВО ВЕВЧАНИВо Охридската болница моментално се хоспитализирани 40 болни, а дневно има и до 180 прегледи. (Фото: СДК.МК)

    Омикрон сојот ги полни болничните кревети на Инфективното и Интерно одделение во Општата болница во Охрид. Моментално се хоспитализирани 40 пациенти, а дневно има и до 180 прегледи.  Во Охрид во моментов има 370 активни болни, според вчерашната статистика од Министерството за здравство.

    Директорот на болницата Горан Балевски вели дека голем број од хоспитализираните се повозрасни лица кои имаат дополнителни коморбидитети. Околку 70 проценти од хоспитализираните биле невакцинирани, а имало и голем број заболени кај медицинскиот персонал.

    „При амбулантските прегледи на помладите пациенти нема индикации за хоспитализации. Сега сме во пик на пандемијата, оптовареноста на болницата е максимална, со ротации успеваме да го надоместиме недостатокот на персонал“, вели Балевски.

    Ако бројот на хоспитализации и понатака расте, Балевски вели дека во системот ќе се вклучат и Заводот за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања „Св. Стефан“ и Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“.

    „Не може никој да предвиди како ќе се одвива понатаму пандемијата, но ние како болница сме спремни да одговориме на потребите онака како што тоа го правиме веќе две години“, додава Балевски.

    Зголемен e бројот на новозаболени од коронавирусот и во Општина Вевчани. Иако речиси 80 проценти од возрасното население е вакцинирано, за само за една недела има нови 75 заболени. Дел од нив се лекуваат во дневната ковид-болница на Здравствениот дом „Д-р Светозар Чочороски“.

    Директорот Јован Стојкоски вели дека клиничката слика кај пациентите е релативно лесна, во однос на претходните бранови на пандемијата. Според здравствените власти, тоа се должи на големиот опфат на вакцинација.

    „Опфатот на вакцинација е голем, мислам дека тоа е причина што клиничката слика е многу полесна на заболените во овој бран. Имаме бустер дози, во Вевчани се некаде околу 360 бустер дози дадени, а на ниво на здравствен дом е некаде околу 52 отсто со две вакцини. Заинтересираноста за трета доза е помала во околните места во однос на Вевчани“, додава Стојкоски.

    Во Струга, но и во амбулантите во Лабуништа и Велешта, состојбата е постабилна. Во струшката модуларна болница хоспитализирани се само 11 лица, од нив шест се на кислородна поддршка.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира