Со „Петер фон Кант“ на Франсоа Озон вечерва се отвора 72. издание на филмскиот фестивал во Берлин. Еден од трите најголеми фестивали во светот, Берлинале годинава за првпат по 2020 ќе оди в кино, но со многу рестрикции поради бранот на омикрон. Филмскиот копродукциски маркет ќе оди целосно онлајн.
Жирито за претижната Златна мечка, предводено од М. Најт Шјамалан, на првата прес-конференција денеска ја изрази својата љубов кон искуството за гледање филмови в кино.
„Киното за мене отсекогаш било како религија. И како синефил, отсекогаш сум бил многу религиозен. Се разбира, уживам да гледам филмови дома, но за религиозен човек црквата е најважното место за гледање филмови, а црквата е киното. Како и вам, и мене две години ми недостигаше да одам во кино. Но, многу сум среќен што сум овде, бидејќи се вративме заедно во црквата“, рече Саид Бен Саид, туниско-француски продуцент кој има работено со автори како Пол Верховен, Брајан де Палма и Роман Полански.
Јапонскиот режисер Рјусуке Хамагучи, кој пред само два дена со неговиот „Вози го мојот автомобил“ собори рекорди со четири номинации за Оскар (меѓу кои и за најдобар филм, што е првпат за Јапонија во историјата), рече дека како дете имал кинематографско будење со филмот „Враќање во иднината, втор дел“.
„Никогаш не замислував дека постои толку интересен филм во светот“, рече тој. „Бев прилично интровертен, но во просторот на киното можев да се ослободам од секојдневниот живот и тоа беше важно искуство за мене. Она што го создавам сега е многу различно од ‘Враќање во иднината’, но ме натера да сфатам дека филмовите имаат моќ да ви го променат животот“, рече Хамагучи.
Во конкуренцијата со 18 филмови за престижната Златна мечка за првпат е и француската режисерка Клер Дени, со „Двете страни на сечилото“ со Жилиет Бинош, а десет години по победата и за првпат без брат му, доаѓа и Паоло Тавијани со „Леонора адио“.
Иако фестивалот беше принуден да го намали не само бројот на денови, туку и бројот на филмови, многу познати режисери сепак ќе можат да ги прикажат своите најнови дела. Меѓу нив и Кореецот Хонг Санг-соо, Австриецот Улрих Зајдл, Швајцарката Урсула Мејер, Германецот Андреас Дрезен, Канаѓанецот Денис Коте.
Во главната селекција – и за Златна мечка и во Средби, Берлинале специјал и Берлинале специјал гала – забележливо е отсуството на филмови од Југоисточна и Источна Европа. Има само еден грчки и еден руски филм во програмата Средби.