Светската програма за храна на Обединетите нации (ОН) вели дека не може да стигне до илјадниците луѓе заробени во Мариупол, бидејќи градот е целосно блокиран од руските сили. Координаторот за итни случаи на Програмата Јакоб Керн, изјави за новинската агенција АФП дека тактиката на спречување итна достава на храна за Мариупол е „неприфатлива во 21 век“.
Ситуацијата во градовите под опсада во Украина е страшна, вели тој, а неговата организација не може да стигне до Мариупол бидејќи возачите на камиони не сакаат да ја ризикуваат својата безбедност да стигнат таму.
„Колку поблиску одите до овие градови, толку повеќе се загрижени за нивната безбедност“, вели Керн. „И тоа значи дека не можеме да дојдеме до овие луѓе во Мариупол, Суми, Харкив, во градовите кои досега се речиси под опсада, односно се под целосна опсада во случајот со Мариупол“.
Стратешкиот пристанишен град Мариупол е опколен од руските сили, а околу 300.000 луѓе се заробени без струја, вода и греење, во продавниците нема храна и хуманитарната криза е пострашна секој ден.