Укинување на задолжителното носење маски за учениците во средните училишта и да се овозможи организирање екскурзии во основните и средните училишта, предложи Комисијата за заразни болести. Сепак, во средните училишта останува обврската наставниот и техничкиот кадар да носи маски, а и учениците кои го сакаат тоа можат да продолжат да ги носат заради заштита од коронавирус.
Во основните училишта веќе се укина мерката за задолжително носење на заштитни маски, а за факултетите, ако продолжи добриот епидемиолошки тренд, може да биде разговарано уште на следната седница на Комисијата за заразни болести.
„Трендот е позитивен, одиме во насока да имаме навистина позитивно добра епидемиолошка состојба. Се намалува трансмисијата на вирусот и како резултат на тоа и следната недела ќе разгледуваме дел од мерките и ќе видиме кои ќе бидат укинати. Постои актуелна листа на мерки, која се разгледува пред секој состанок и кога ќе има услови се укинуваат“, рече д-р Злате Мехмедовиќ, портпарол на Комисијата.
Меѓу мерките кои можат да бидат разгледани на следниот состанок е и олабавувањето за влез во државата, за што Мехмедовиќ рече дека досега се разговарало неколку пати.
Ж. ЗДРАВКОВСКА