Вчера во Битола беше направен обид еден докажан соработник на хитлеровиот нацистички режим да биде претставен како мост на зближување меѓу двете држави, вели претседателот Стево Пендаровски по отворањето на културниот клубот „Ванчо Михајлов’ во Битола. Според Пендаровски, Ванчо Михајлов, кој е докажан соработник на фашистичкиот режим, не може да ги зближи македонскиот и бугарскиот народ.
„Иако отворањето културни центри насекаде во демократскиот свет претставува чекор кон зближување на народите и нивните култури, именувањето на установи од областа на културата според докажан соработник на фашистичкиот режим од Втората светска војна не ѝ служи на таа благородна кауза. Неспорејќи ја добрата намера на премиерот Петков, вчера во Битола во составот на бугарската делегација беа и двајца претставници на поранешната власт во Софија кои беа најгласни противници на македонскиот пат кон Европа. Со самото нивно присуство и изјави беа минимизирани пораките за добрососедство и соработка кои беа испратени од бугарскиот премиер“, се вели во писмената реакција на Пендаровски.
Претседателот потсетува дека идејата да се формира комисија составена од историчари беше да се најде компромис за историските настани и личности кои треба да бидат заеднички чествувани и од македонскиот и од бугарскиот народ.
„За жал, вчера во Битола беше направен обид еден докажан соработник на хитлеровиот нацистички режим да биде претставен како мост на зближување меѓу двете држави. Сигурен сум дека ниту македонскиот, ниту бугарскиот народ сметаат дека ликот и (не)делото на Ванчо Михајлов можат да придонесат во таа насока“, додава Пендаровски.
На вчерашното отворање на културниот клуб „Ванчо Михајлов“ покрај бугарскиот премиер Кирил Петков присуствуваа и министерката за надворешни работи Теодора Генчовска, потпретседателката на државата, Илијана Јотова и пратеничката Екатерина Захариева.
Дописничката на САКАМДАКАЖАМ.МК од Битола го праша бугарскиот премиер Петков кога Бугарија ќе дозволи Македонците таму да отворат свој клуб и македонски премиер да дојде на неговото отворање? Петков избегна конкретен одговор на ова прашање и само кажа дека со вакви локални активности народот ќе се чуствува поблизок. Истото прашање ѝ го поставивме и на бугарската потпретседателка Илиана Јотова која одговори со прашање „кои се тие Македонци во Бугарија“, нагласувајќи дека досега до нив никој не поднел барање за отворање македонски клуб.
За отворањето на клубот со името на „Ванчо Михајлов“премиерот Димитар Ковачевски во изјава за државна агенција МИА кажа дека Владата и јавноста очекуваат реципроцитет во пристапот.
„Се работи за контроверзна историска личност, која во Република Северна Македонија е доживувана на различен начин од различни групи на граѓани. Сепак, бидејќи се работи за граѓанска иницијатива, согласно Европската конвенција за човекови права, со која ние сме целосно усогласени, ваквите проекти не се предмет на државен надзор. Владата како и јавноста со нетрпение го очекува денот кога и кај нашите соседи ќе созрее времето кога и таму оние граѓани кои имаат, на пример, македонско самосознание, ќе можат на ист таков слободен начин да ги практикуваат своите уверувања“, вели премиерот Ковачевски.
Вкупно 16 добиени пресуди од Судот за човекови права во Стразбур има за кршење на правото на слободно здружување на Македонците во Бугарија, од кои 11 се на ОМО „Илинден Пирин“. Првата пресуда оваа организација ја добила пред Судот за човекови права во Стразбур во 2001. Ниту неа, ниту последователните 10 добиени пресуди, Бугарија ги спроведе до денеска. А ни останатите 5 што ги добиле „Македонскиот клуб за етничка толеранција во Бугарија“ и други подносители на тужби за кршење на човекови права од бугарските власти.
Сојузот на борците во Битола протестираше поради отворање на клубот „Ванчо Михајлов ВМРО“ во Битола и кажа дека со името што се става на клубот се врши рехабилитација на фашистичката идеологија и се промовира историски ревизионизам насочен кон негирање на НОВ на македонскиот народ.Сојузот на борците исто така реагира и на молкот и индолентниот однос на македонските политички партии за формирањето на клубот со што „го одобруваат ова јавно понижување на македонскиот народ и се солидаризираат со промоцијата на политики од минатото кои биле и се насочени против постоењето на македонската нација и македонската државност“.
А. АНТЕВСКА