ДИРЕКТОРОТ НА ЈСП „СКОПЈЕ“ ИЛИЕВСКИ СИ ПОДНЕСЕ ОСТАВКА 5 МЕСЕЦИ ОТКАКО АРСОВСКА ГО НАЗНАЧИ ДА ВОВЕДЕ БЕСПЛАТЕН ПРЕВОЗ

    ДИРЕКТОРОТ НА ЈСП „СКОПЈЕ“ ИЛИЕВСКИ СИ ПОДНЕСЕ ОСТАВКА 5 МЕСЕЦИ ОТКАКО АРСОВСКА ГО НАЗНАЧИ ДА ВОВЕДЕ БЕСПЛАТЕН ПРЕВОЗИлиевски е втор директор од тимот на Арсовска кој поднесува поставка, ексдиректорот на „Градски паркинг“ Филип Пасху си замина 10 дена по назначувањето. (Фото: СДК.МК)

    Директорот на ЈСП „Скопје“ Иван Илиевски си поднесе оставка од функцијата, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК. Илиевски кој е на функцијата в.д. директор само 5 месеци вчера ја доставил својата оставка до градоначалничката Данела Арсовска.

    Илиевски вчера не сакаше да одговори на нашето прашање дали и зошто поднел оставка. Денеска не одговараше на нашите повици, ниту на вибер пораки.

    Одговор не добивме ниту од неговата ПР-служба, ниту од кабинетот на градоначалничката Данела Арсовска.

    Како што дознаваме во претпријатието од утрово веќе се споменуваат имиња за тоа кој ќе биде нов директот на местото на Илиевски.

    По објавувањето на тестот од Град Скопје испратија соопштение до медиумите во кое велат дека Илиевски не дал оставка туку му престанал мандатот како в.д. директор и во тек е постапка за именува нов директор на претпријатието.

    ЈСП „Скопје“ е во лоша финансиска состојба и долгови со години. Редовно години наназад добива субвенции од Град Скопје за тековно работење, па дури и за да може да се исплатат плати на вработените. Илиевски од доаѓањето на функцијата убедуваше дека идејата на градоначалничката Арсовска за бесплатен автобуски превоз за сите граѓани и нови 250 електрични автобуси е реална и може да се реализира. На прашањата на САКАМДАКАЖАМ.МК од каде ќе најде пари за бесплатен превоз, кога немаат други извори на приходи, велеше дека со домаќинско работење ќе се овозможи реализација на ова ветување на Арсовска.

    „Според бројките кои ги добив, околу 30 отсто од приходите кои ги има претпријатието се од продажба на билети. ЈСП не живее од билетите и затоа бесплатниот автобуски превоз е реалност и може да се реализира“, кажа директорот Илиевски на првиот брифинг со новинари две недели по стапување на функцијата.

    Илиевски е втор директор од тимот на градоначалничката Арсовска кој си заминува од функцијата. Директорот на ЈП „Градски паркинг“ Филип Пасху си замина од функцијата само десет дена откако беше поставен за в.д. директор. Потоа Арсовска за директор го постави Бојан Христовски.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира