Министерот за правда Никола Тупанчевски кажа дека ќе бара одговорност за тоа што во вчерашниот претрес во 25 таргетирани ќелии во затворот Идризово биле најдени дрога, ладно оружје, мобилни телефони. Јавна тајна е дека во најголемиот затвор во последно време се дозволува да се шири радикализација, да се внесува дрога, осудени лица од внатре да водат бизнис.
Тој кажа дека обвинителството собира докази и оти никој нема да биде поштеден. Предупреди дека казните нема да бидат дисциплински, туку кривични. На новинарско инсистирање, тој одговори дека и именувано лице (во случајов директорот Реџеп Реџепи од партијата Алтернатива, именуван од Владата), може кривично да одговара за злоупотреба на службената положба и овластувањата, за несовесно работење во службата и за поткуп.
„Некој дозволил, ги пренел ладното оружје, дрогата, телефоните и другите забранети предмети во затворот, Одговорност ќе има по градација, но да ја оставиме истрагата да ги обработи доказите“, кажа тој.
Тупанчевски очекува истрагата да утврди одговорност по градација. Рече дека мора да одговараат кривично тие што дозволите да се внесат запленетите предмети во вчерашната акција на специјалците од МВР, по наредба на обвинител и со судски налог.
Тој посочи и од еден друг аспект дека раководството на Идризово треба да се менува.
„Пред две недели во посета на КПУ Идризово беа претставници од Комитетот за заштита од тортура и нечовечко постапување, од Советот на Европа. Меѓу другото, препорачаа да се интервенира во делот на затворскиот менаџмент. Според нив, има лица кои се именувани во раководството на Идризово, а не ги исполнуваат условите за тоа“, кажа Тупанчевски, според кој се знае како се именува директор, од страна на Владата, но и дека мора тоа лице да ги исполнува условите.
Упадот на МВР, обвинителството и судот во КПУ Идризово што се случи вчера од 6 до 9 часот наутро, бил на барање на директорот на Управата за извршување на санкциите Марјан Спасовски. На новинарско прашање тој одговори дека ќе има одговорност. Одговори и дека е точно оти во затворот има уште мобилни телефони, бидејќи во една акција не е возможно да се претресат сите одделенија и објекти во комплексот. Кажа дека вчерашната акција е само почеток.
С. К. ДЕЛЕВСКА