КОГА НЕ СУМ НА ГОВОРНИЦА, МЕ ПРАШУВАШ ИМА ЛИ НЕКОЈА ФОТОНАПОНСКА ЗА ВМРО, МУ РЕЧЕ БЕКТЕШИ НА ПРАТЕНИКОТ БОЈАН СТОЈАНОВСКИ, НА ШТО ТОЈ СНЕМА КОМЕНТАР

    КОГА НЕ СУМ НА ГОВОРНИЦА, МЕ ПРАШУВАШ ИМА ЛИ НЕКОЈА ФОТОНАПОНСКА ЗА ВМРО, МУ РЕЧЕ БЕКТЕШИ НА ПРАТЕНИКОТ БОЈАН СТОЈАНОВСКИ, НА ШТО ТОЈ СНЕМА КОМЕНТАР„Грејат базени, копаат криптовалути. Го знаете и сами кој е, Ј. К., а не е Јелена Карлеуша, тој вашиот што ве финансира.’“, кажа Бектеши. (Фото: К. Попов)

    Пратеникот Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ на денешната собраниска седница за пратенички прашања, дека загрижен за инфлацијата, за животниот стандард, за штрајкот на ССМ, го праша премиерот Димитар Ковачевски дали ќе има линеарно зголемување на платите во јавниот сектор од околу 2.800 денари, на сите исто. Потоа праша и за струјата.

    „Струјата ќе се поскапи во четири блокови, во просек за 7,4 проценти. За малите потрошувачи не се спомнува, а таму ќе биде енормно поскапувањето“, укажа Стојановски и побара објаснување за ова.

    Ковачевски му одговори: „Вработените во јавниот сектор треба да имаат поголеми плати, но дијалогот треба да се води на три теми: Давање повисоки услуги на работниците, на граѓаните кои работат за да им обезбедат ним, а и нас овде да земеме плати. Потоа враќање на К-15, методологија на плати, за да се открие конечно зошто раководители на јавни претпријатија земаат мистериозни плати колку на претседателот на државата, дури и во тие што работат со загуби. Ќе биде воспоставена методологија отсега натаму, а не да се даваат плати од ракав“.

    Ковачевски кажа дека да е работник или државен службеник, не би одел по никаква цена кај ВМРО-ДПМНЕ за помош и за совет, зашто за 11 години владеење, им ја зголемиле платата само 5 %. Потоа ги наведе – од лекари, преку наставници и инспектори, до воспитувачки во градинки, дека им се зголемени платите, од 5 до 20 проценти.

    Но, за поскапувањето на струјата излезе министерот за економија Крешник Бектеши и рече ќе одговара на македонски јазик, за да нема проблем со преводот. Му цитираше законски одредби каде Општините се задолжени за производство и дистрибуција на топлотната енергија.

    „Ќе се вратам на струјата, зашто Бојан, кога не сум на говорница, ме прашувате: ‘А бе, има нешто фотонапонски централи за ВМРО?’“, кажа Бектеши и предизвика бурни реакции од опозицијата.

    Потоа, му кажа дека нивните градоначалници направиле штета од 30 милиони евра во енергетскиот систем на државата, во првите 6 месеци од владеењето. Општина Битола му го отстапила уличното осветлување на претпријатие од Жабени, читаше одлуки Бектеши.

    „Вие многу добро знаете дека таа штета се прави на грбот на граѓаните. Па излегуваш тука и зборуваш дека е многу покачена цената на електричната енергија. Цената на електричната енергија е зголемена само во четвртиот блок, и тоа за ваши многу блиски луѓе, кои трошат 36 мегавати месечно. Грејат базени, копаат криптовалути. Го знаете и сами кој е, Ј. К., а не е Јелена Карлеуша, тој вашиот што ве финансира. И вие денес се буните зошто ги браниме граѓаните од првиот, вториот и од третиот блок. Да се троши 36 мегавати струја месечно е 86 пати повеќе од просечно македонско семејство во државата. Затоа ќе си плаќа поскапа струја, зашто има можност“, рече Бектеши.

    Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се побунија, станаа од местата. Потпретседателот Горан Мисовски ги смируваше, ги седнуваше на место.

    Стојановски му побара оставка на Бектеши, нарекувајќи го господин најнеуспешен министер за економија.

    Цената на струјата од први јули ќе поскапи во просек за 7,4 проценти. Секое домаќинство ќе плаќа различна цена според блоковите. За 59,9 проценти од домаќинствата ќе има зголемување од 6,6 проценти, за 35,5 проценти од домаќинствата зголемувањето од 6,7-8,8 проценти, за 3,4 проценти поскапувањето ќе биде од 8,8-11,2 проценти, за 1,2 проценти зголемување од 11,4 проценти, а за оние кои се екстремни потрошувачи поскапувањето ќе биде 99 проценти.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира