Кумановци ќе плаќаат повисоки сметки за ѓубре, откако Советот на Општина Куманово го прифати барањето на ЈП „Чистоти и зеленило“, цените на услугите за собирање и транспортирање на комунален отпад за правните и физички лица да се зголеми од 25 до 50 отсто.
Најголемо зголемување за дури 50 отсто ќе има за домаќинствата во градското подрачје, кои наместо 3 денари ќе плаќаат 4,5 денари и на приградските населби од 2 на 3 денари, а правните субјекти од 10 на 12,5 денари за метар квадратен.
Предлогот за зголемување на цените за собирање на сметот го поднесе ЈП „Чистота и зеленило“, со образложение дека се зголемени цените на струјата, нафтата, како и минималната плата.
„На 80 проценти од вработените во претпријатието коишто се општи работници им е зголемена минималната плата за околу 25 отсто. Цената на нафтата е зголемена за 30 отсто, а таа е главен енергенс во нашето работење. Ако на месечно ниво сме плаќале од 700-800 илјади денари нафта, сега плаќаме 1,5 милиони денари. Сметките за електрична енергија од 200-300 илјади денари достигнаа до 700 илјади денари. И останатите трошоци што ги имаме како резервни делови, гуми, канцелариски матерјал и друго се дуплирани. Затоа за да имаме рентабилно работење и нормално функционирање на претпријатието, приморани сме да направиме корекција на цената“, го правдаше предлогот директорот на ЈП „Чистота и зеленило“ Даниел Стојчевски пред советниците.
Од опозицијата предводена од СДСМ и ДУИ беа против овој предлог бидејќи сметаат ќе се создадат дополнителни трошоци на граѓаните, а нема да се добие подобра и поквалитетна услуга.
Граѓаните се жалат дека зголемувањето на цената доаѓа во време на голема економска криза и кога семејниот буџет е сè помал. Тие бараат од Општината да го субвенционира зголемувањето на трошоците во претпријатијата, а таа да најде начин преку државата или преку проекти да си обезбеди пари, а не по навика поскапувањето секогаш да падне само на грбот на граѓаните.
Истовремено сметаат дека претпријатието треба да се потруди да го зголеми нивото на хигиена во градот, одржувањето на зелените површини и динамиката на изнесување на смет од домаќинствата.
На истата седница беше донесена одлука за зголемување на бодот на платите на вработените во ЈП „Чистота и зеленило“.
Подршка за зголемување на цените на ѓубрето и зголемување на платите на вработените даде мнозинството во Советот на Општина Куманово, предводено од коалцијата на градоначалникот Димитриевски „За наше Куманово, ВМРО-ДПМНЕ, Алијансата на Албанците и Алтернатива и Беса.
С. НИКОЛИЌ