АРАЧИНОВО ЌЕ ДОБИЕ ОД ДРЖАВНИОТ БУЏЕТ ЕДЕН МИЛИОН ЕВРА ЗА САНИРАЊЕ НА КАНАЛ ЗА ОТПАДНИ ВОДИ

    АРАЧИНОВО ЌЕ ДОБИЕ ОД ДРЖАВНИОТ БУЏЕТ ЕДЕН МИЛИОН ЕВРА ЗА САНИРАЊЕ НА КАНАЛ ЗА ОТПАДНИ ВОДИВладата во декември 2020 година ѝ даде неповратна помош од пола милион евра на Општина Арачиново за справување со потешкотиите во работењето настанати поради ковид-19 кризата.(Фото: Влада)

    Општина Арачиново ќе добие од државниот буџет еден милион  евра за санирање на канал за отпадни води. Оваа одлука е донесена на денешната владина седница, а ја соопшти вицепремиерот Артан Груби на својот фејсбук профил.

    „Конечно ќе се санира каналот за отпадни води во Општина Арачиново. На денешната седница на Владата ја донесовме одлуката за спроведување на постапка за јавна набавка за регулирање на обиколниот канал во оваа општина. Исклучително важна инвестиција вредна околу 66 милиони денари која ќе овозможи подобар живот на Арачиновци“, напиша Груби.

    Овој проект е доставен до Владата од Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, заедно со проект за изградба на фекална канализација во населено место Страчинце, Општина Гази Баба и реконструкција на системот за водоснабдување Богданци.

    „Овие проекти се дел од инвестиционата програма на Министерството за животна средина и просторно планирање, во делот за финансирање на проекти за водоснабдување и изградба на примарна и секундарна канализација, и се во согласност со стратешките приоритети за развивање на современа и функционална водоводна инфраструктура, заштита на животната средина и подигање на степенот на социјален развој и квалитет на живот во сите општини во нашата држава“, соопштија од Министерството за животна средина.

    Владата во декември 2020 година ѝ даде неповратна еднокртана помош од пола милион евра на Општина Арачиново за справување со потешкотиите во работењето настанати поради ковид-19 кризата.

    Општина Арачиново е единствената општина што воопшто не наплаќа данок на имот, покажа истражувањето на невладината организацијата Центар за граѓански комуникации за наплата на данок на имот за 2017, 2018 и 2019 година. Образложението од Општина Арачиново е дека немаат база на податоци на даночни обврзници, ниту даночно одделение.

    Експремиерот Зоран Заев во чие време беше одобрена помошта од пола милион евра тогаш изјави дека во Арачиново има многу често изрази на насилство кога се бара да се наплати данок на имот и треба да се стави ред и поредок.

    „Се плаќа, ама многу малку. Таму има многу често изрази на насилство кога се бара да се наплати данокот на имот и треба да се стави ред и поредок. Тоа е изворен приход на општината и треба да го направи тоа. Општина Арачиново никогаш не се развивала како што развива од 2017 година наваму. Но, ќе кажам под наводници, со државни пари. Се решаваат историски прашања, школи се реновираат, општинска зграда се гради, се гради канализација, се изгради резервоар во едно од селата во општините, се прават улици, улично осветлување“, рече Заев пред две години.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира