Дел од стариот покрив на Универзална сала летнал во невремето кое минатата недела го зафати Скопје. Парчиња од лимот кој треба да се отстрани и да се замени со нови матeријали, од силниот ветер биле откорнати и одлетале.
Како што кажуваат станари на околните згради, за среќа лимот паднал во градилиштето односно не повредил никој, ниту имало материјална штета. Велат дека објектот кој сега е отворен и во дел разрушен заради градежните работи кои почнаа лани во септември, но беа стопирани откако на градоначалничката функција дојде Данела Арсовска, при вакви невремиња не е безбеден и може да настане поголема штета.
Од Град Скопје не добивме одговор на нашето прашање во врска со откорнувањето на покривот на салата и дали објектот кој е градилиште е соодветно обезбеден и дали може при ново невреме да настане поголема штета. Од Градот нема ниту најава кого конечно ќе продолжи реконструкцијата на Универзална сала.
Лани во септември, Град Скопје почна со градежни работи за уривањето на старата конструкција на Универзална сала . Во предниот дел од објектот беше поставена и новата конструкција и таму се изврши целосно уривањето на старите делови. Тогаш од Град Скопје рекоа дека во октомври целиот објект ќе добие нова конструкција, по што ќе почне изведбата на надворешноста, кровот и куполата, кои треба да бидат готови до крајот на годината. Потоа, како што најавија тогаш, ќе почне втората фаза, односно реконструкцијата на внатрешноста.
Но, по доаѓањето на функција на Арсовска градежните работи се прекинати и објектот сè уште стои соголен. Градоначалничката го обвини минатото раководство на Градот дека е виновно што концертната сала не се прави со тоа што направило небезбеден проект. Арсовска за оваа тема се искара со Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ), проектантите и со министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, на прес-конференцијата која во февруари ја свикана Министерството за култура за наоѓање заедничко решение и договор за соработка.
Арсовска сега бара плус пари од Владата оти морало според новиот проект да се измени договорот. За Универзална сала Владата му даде на Град Скопје 1,9 милиони евра.
Универзална сала е затворена 7 години.
А. АНТЕВСКА