АРСОВСКА БАРА ПЛУС ПАРИ ОД ВЛАДАТА ЗА РЕКОНСТРУКЦИЈА НА УНИВЕРЗАЛНА САЛА

    АРСОВСКА БАРА ПЛУС ПАРИ ОД ВЛАДАТА ЗА РЕКОНСТРУКЦИЈА НА УНИВЕРЗАЛНА САЛАОд Град Скопје велат дека е извршена измена на првичниот договор и затоа се потребни плус пари. (Фото: К. Попов)

    Градоначалничката Данела Арсовска бара од Владата дополнителни пари за реконструкцијата на Универзална сала. Град Скопје за проектот за реновирањето на надворешноста и покривот на концертната сала лани, за време на мандатот на ексградоначалникот Петре Шилегов, од Владата доби 120 милиони денари односно околу 1.9 милиони евра.

    По доаѓањето на функцијата на Арсовска градежните работи беа стопирани оти, како што кажа, проектот не бил безбеден и затоа мора да се прави нов. Од нејзиниот кабинет сега велат дека е извршена измена на првичниот договор и затоа се потребни плус пари.

    „Поради проблеми со статиката и одредени аномалии на претходниот проект во текот на изминатиот период, беа извршени промени на основниот проект во консултација и констатирани со Градежен факултет и со самиот проектант.  До Град Скопје има стигнато ново техничко решение од страна на проектантот врз основа на кое неопходно е да се изврши измена на првичниот договор за кој што Град Скопје има поднесено допис до Влада“, велат од Град Скопје не наведувајќи колку плус пари се потреби за да почне изградбата на концертната сала.

    Од Владата велат дека е добиено барање од Град Скопје кое е испратено на мислење до соодветни владини институции.

    „Откако ќе го добиеме нивното мислење ќе биде донесена одлука и за истата ќе се извести подносителот на барањето“, велат од Владата.

    Лани во септември, Град Скопје почна со градежни работи за уривањето на старата конструкција на Универзална сала. Во предниот дел од објектот беше поставена и новата конструкција и таму се изврши целосно уривањето на старите делови. Тогаш од Град Скопје рекоа дека во октомври целиот објект ќе добие нова конструкција, по што ќе почне изведбата на надворешноста и куполата, кои треба да бидат готови до крајот на годината. Потоа, како што најавија тогаш, ќе почне втората фаза, односно реконструкцијата на внатрешноста.

    Но, по доаѓањетѕо на функција на Арсовска градежните работи се прекинати и објектот сè уште стои соголен. Градоначалничката го обвини минатото раководство на Градот дека е виновно што концертата сала не се прави со тоа што направило небезбеден проект. Арсовска за оваа тема се искара со Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ), проектантите и со министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, на прес-конференцијата која во февруари ја свикана Министерството за култура за наоѓање заедничко решение и договор за соработка.

    Универзалана сала е затворена 7 години.

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира