По барање на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ денеска е закажана вонредна седница на Советот на Град Скопје. Барањето на советниците на ВМРО-ДПМНЕ е да се пренаменат средства од буџетот за плати за вработените во ЈСП „Скопје“.
„Бараме градоначалничката Данела Арсовска заедно со надлежните сектори до петок до 12 часот да донесе одлука за пренамена на пари за ЈСП ‘Скопје’ како би се овозможило непречено функционирање на претпријатието и исплата на плата. ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи граѓаните на Скопје да останат без јавен превоз“, стои во иницијативата за свикување вонредна седница, која ќе се одржи денеска во 14 часот.
Скопје денеска за првпат во својата историја е без јавен превоз откако автобуските беа повлечени поради дојава за бомба. Вработен во ЈСП „Скопје“ го испратил мејлот со закана дека ќе постави бомба во автобус од јавниот превоз, соопшти Министерството за внатрешни работи. Лицето е уапсено и, како што велат од МВР, се работи на расчистување на случајот. Заканата за бомба била поради неисплатена плата.
Возачите уште пред два дена најавија дека нема да возат бидејќи уште немаат земено плата за септември, и побараа од Арсовска да обезбеди пари за плати и за наредните месеци. Протест вчера најави и Арсовска, која не се смета за одговорна за ваквата состојба во која се најде Скопје туку ја обвини Владата бидејќи не префлиле на Градот 2 милиона евра за ученички и студентски билети. Таа кажа дека со ЈСП сосе автобусите денес во 12 часот ќе протестираат пред Влада.
Од Владата одговорија дека не должат ниту денар на Град Скопје, а за студенстки билети не биле предвидени пари бидејќи студентите учебната 2021/2022 учеа онлајн.
А. АНТЕВСКА