ПУТИН Е МНОГУ ПООТВОРЕН ЗА ПРЕГОВОРИ ЗА КРАЈ НА ВОЈНАТА ВО УКРАИНА, РЕЧЕ ЕРДОГАН

    ПУТИН Е МНОГУ ПООТВОРЕН ЗА ПРЕГОВОРИ ЗА КРАЈ НА ВОЈНАТА ВО УКРАИНА, РЕЧЕ ЕРДОГАНВо Украина почнаа рестрикции на струјата оти Русија за 10 дена уништи 30 отсто од електраните. (Фото: АП)

    Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека се чини оти Владимир Путин е „многу помек и поотворен за преговори“ за завршување на војната во Украина отколку порано.

    „Не сме без надеж“, рече тој за можноста за преговори.

    Ердоган ова го изјави доцна завчера при враќањето од Азербејџан, а вчера ја објавија весникот „Хуриет“ и другите медиуми. Во меѓувреме, турскиот лидер, кој одржа состаноци со Путин за време на војната, вели дека е оптимист дека договорот постигнат со посредство на ОН и Турција, кој овозможи испорака на милиони тони украинско жито на светските пазари, може да биде продолжен.

    Путин е отворен за преговори со Украина „од самиот почеток“ и „ништо не се смени“ во тој поглед, изјави вчера портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, коментирајќи ги забелешките на турскиот претседател.

    Министерството за одбрана на САД соопшти дека американскиот секретар за одбрана Лојд Џеј Остин вчера разговарал по телефон со рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу, за првпат од 13 мај. Официјални лица од одбраната рекоа дека некое време Русите не одговарале на напорите на САД да воспостават комуникација. Остин „ја истакна важноста на одржувањето на линиите на комуникација во услови на тековната војна против Украина“, изјави портпаролот на Пентагон Пет Рајдер. Остин разговараше и со украинскиот министер за одбрана Олексиј Резников „за да ја повтори непоколебливата посветеност на САД за поддршка на способноста на Украина да се спротивстави на агресијата на Русија“, како и поддршката на меѓународната заедница за идната одбрана на Украина, се вели во соопштението на Министерството за одбрана.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира