ПРЕПОЛНА САЛА И АПЛАУЗИ ЗА „КАЈМАК“ НА МАНЧЕВСКИ НА СВЕТСКАТА ПРЕМИЕРА ВО ТОКИО

    ПРЕПОЛНА САЛА И АПЛАУЗИ ЗА „КАЈМАК“ НА МАНЧЕВСКИ НА СВЕТСКАТА ПРЕМИЕРА ВО ТОКИОРежисерот Манчевски, актерките Сара Климоска и Ана Стојановска на црвениот килим на отворањето на фестивалот во Токио. (Фото: ТИФФ)

    „Кајмак“, седмиот игран филм на Милчо Манчевски, денеска имаше извонредна светска премиера на филмскиот фестивал во Токио, пред преполна сала и пречекан со огромен аплауз. По проекцијата режисерот и актерките Сара Климоска и Ана Стојановска имаа топол и динамичен формален разговор со возбудената јапонска и меѓународна публика, соопшти продукцијата на филмот.

    „Кајмак“, за кој авторот Манчевски рече дека е „црна комедија, безобразна трагедија“, игра во конкуренцијата за награди фестивалот од А-категорија, кој е најголем во Азија и еден е од најголемите во светот. Избран е меѓу 15-те предложени 1.700 филмови од 107 земји. Откако една недела однапред се распродадоа двете фестивалски проекции на „Кајмак“, организаторот додаде и трета проекција, предвидена за претпоследниот ден на фестивалот.

    Организаторот му укажа исклучителна чест на Манчевски со тоа што го покани утре да одржи мастерклас за јапонските студенти и публика како единствен автор од западниот свет со мастерклас покрај претседателката на жирито, американската режисерка Џули Тејмур („Кралот лав“ на Бродвеј, „Фрида“, „Бура“, „Титус“). Манчевски ќе има формален разговор со публиката и по втората распродадена проекција на филмот, на 28 октомври.

    Токискиот фестивал, што се враќа во физичка форма по две години пандемија, се отвори на 24 октомври, кога на црвениот килим продефилираа сите учесници, меѓу кои и дел од македонскиот тим на „Кајмак“ предводен од режисерот Манчевски, актерките Климоска и Стојановска и продуцентот Јане Ќортошев. „Холивуд репортер“, во извештајот од свеченото отворање на фестивалот забележа дека на црвениот килим беше и Милчо Манчевски со актерските ѕвезди од „Кајмак“, нарекувајќи го „македонскиот ерудит од Њујорк“.

    По проекцијата режисерот и актерките Сара Климоска и Ана Стојановска имаа топол и динамичен формален разговор со возбудената јапонска и меѓународна публика. (Фото: ТИФФ)

    По светската премиера во Токио, „Кајмак“ патува на филмскиот фестивал „Златен коњ“ во Тајпеј, Тајван.

    Македонската премиера на „Кајмак“ е предвидена за средината на ноември, а филмот веднаш ќе биде на редовен репертоар во сите киносали низ земјава.

    Манчевски  утре ќе одржи мастерклас за јапонските студенти и публика. (Фото: ТИФФ)

    „‘Кајмак‘ е црна комедија, безобразна трагедија која се случува во денешно Скопје, но може да се случува каде било. Имавме неверојатна екипа, а глумците беа повеќе од светско ниво. Мотото на филмот е ‘За танго се потребни тројца‘, а останатото ќе го видите наскоро“, кажа Манчевски, по чие сценарио е снимен филмот, пред еден месец кога беше најавена премиерата во Токио.

    Продуцентот Јане Ќортошев со дело до тимот на „Кајмак“ во Токио. (Фото: ТИФФ)

    Во филмот кој се снимаше во Скопје играат Камка Тоциновски, Сара Климоска, Александар Микиќ, Ана Стојановска, Симона Спировска, Петар Мирчевски, Филип Трајковиќ, Сашка Димитровска, Лазе Манасковски, Јасмина Василева, Дејан Лилиќ, Елена Кузманов, Крсте Роџевски, Ана Димитрова, Никола Ристески, Ангела Димитрова, Соња Михајлова, Александра Пешевска, Ѓорѓи Јолевски, Љиљана Богојевиќ, Сара Станиќ и други. Данска копродуцентка на „Кајмак“ е Мета Луис Фолдагер Соренсен, холандски копродуценти се Изабела Депевег и Елс Вандерворст, хрватски копродуцент е Синиша Јуричиќ, а извршен продуцент е Иан Прајор од британската „Скала Продакшнс“.

    Македонски продуцент на филмот е „Банана филм“. Продукциски дизајнер е Дејвид Манс од Англија, директор на фотографија Данецот Улрик Боел Бенцен, монтажер Емил Нунинга, дизајнер на звук Херман Пиете, кастинг директорка Милка Анчевска, костимографка Жаклина Крстевска, а дизајнер на шминка е италијанската легенда Марио Микисанти. Музиката е на „Дејниш стринг квартет“ и Игор Василев-Новоградска.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира