ОД УТРОВО НЕ ВОЗАТ ПРИВАТНИТЕ АВТОБУСИ 19, 20, 22, 52 И 54 ВО СКОПЈЕ, ГРАДОТ ИМ ДОЛЖИ ПОЛА МИЛИОН ЕВРА

    ОД УТРОВО НЕ ВОЗАТ ПРИВАТНИТЕ АВТОБУСИ 19, 20, 22, 52 И 54  ВО СКОПЈЕ, ГРАДОТ ИМ ДОЛЖИ ПОЛА МИЛИОН ЕВРААвтобуси нема на линиите 19, 20, 22, 52 и 54. (Фото: К. Попов)

    Од утрово не возат дел од приватните автобуси во Скопје бидејќи Градот им должи пари. Во сообраќај не се пуштени автобусите на превозникот „Макекспрес“ оти немаат пари за гориво. Автобуси нема на линиите 19, 20, 22, 52 и 54.

    ЈСП Скопје и Град Скопје за три месеци им немаат исплатено пари на приватните превозници како што предвидува договорот по едно евро за секој изминат километар и сега долгот кон „Макексперс“ е околу пола милион евра.

    „Ние имаме вкупно 77 автобуси  и денеска не е даден налог возилата да излезат да возат. Не дека не сакаме туку нема како да ставиме гориво. Вака ќе биде додека не се најде решение со Град Скопје. Знаеме дека ситуацијата е тешка, имаме економска и енергетска криза, но и ние не можеме да возиме без пари“, вели Милорад Димитриевски од превозникот „Макекспрес“.

    Градот има долг и кон вториот приватен превозник „Слобода превоз“ од околу 700.000 евра, но тие денес возат бидејќи им било ветено дека до петок ќе им бидат исплатени пари.

    На 20 октомври Скопје за првпат во својата историја остана без јавен превоз, низ улиците не возеа автобусите на ЈСП „Скопје“ поради неисплатени плати на вработените. Град Скопје на вонредна седница пренамени 2 милиона евра од другите проекти предвидени во буџетот за субвенции за ЈСП за да може да се поделат плати. Но, тие пари не се доволни за да се исплатат и приватните превозници, па затоа кон нив се` уште има долг од околу 1,2 милиони евра.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира