Директорот на ЈСП „Скопје“ Александар Стојковски не кажува дали претпријатието има капацитет да го замени приватниот превозник „Макекспрес“ и од каде ќе најдат 77 автобуси и возачи со колку што досега се опслужуваа линиите 19, 20, 22, 52 и 54. Линиите на приватните превозници им беа дадени од Град Скопје, бидејќи ЈСП нема доволно автобуси да ги опслужува сите линии.
Откако од претпријатието испратија соопштение дека немало да има застој и ќе се задржел сегашниот возен ред на овие линии, редакцијата САКАМДАКАЖАМ.МК го побара директорот Стојковски да објасни со кои автобуси ќе се опслужуваат овие линии, има ли доволно возачи и дали ќе им биде подмирен долгот од пола милион евра на „Макекспрес“. Прашањата следуваа откако граѓани се јавија во нашата редакција да пријават дека и денеска нема автобуси на овие линии.
Стојковски додека му ги поставуваме прашање го исклучи повикот и потоа не одговараше на повиците. Директорот неколку пати досега не одговара на нашите прашања и сред разговорот додека му ги поставуваме го исклучува повикот.
Одговори на нашите прашања не добивме ниту од претпријатието.
Од Град Скопје вчера го раскинаа договорот со приватниот превозник „Макекспрес“ поради непочитување на обврските од договорот во кои се уредуваат условите за начинот на јавен превоз.
„Со жалење мораме да констатираме дека приватниот превозник до моментот на раскинување на договорот не успеа да обезбеди модернизирани автобуси со соодветни еколошки стандарди, основно ниво на хигиена во автобусите и редовност без доцнење на автобуските постојки“, велат од Град Скопје.