Министерот за животна средина Насер Нуредини смета дека топланите во Скопје не треба да се префрлат на дизел гориво наместо на гас, како што најавија од ЕСМ. Од државната компанија пред почетокот на грејната сезона рекоа дека ако снема гас и цената е многу висока, топланите Исток и Запад преку кои се испорачува топлинска енергија во Скопје, ќе продолжат да работат на дизел.
Нуредини вели дека ЕСМ прво треба да добие дозвола од Министерството за да може да се смени начинот на работа на топланите, а таа постапка трае и до 90 дена.
„Секоја инсталација со А интегрирана дозвола треба да побара од нас измена и ние треба тоа да го одобриме. Процедурите траат и до 90 дена односно треба да се разгледаат од стручни лица во Министерството дали е тоа можно или не и дали тие емисии се во границите на дозволеното. Мој личен став е дека треба да продолжиме да употребуваме гас, на крајот на денот ние сме тука да обезбедиме здравје на нашите граѓаните. Гас има, цената е падната. Не значи дека ако некој друг енергенс е поевтин дека треба да се враќаме назад. Тоа е на штета на здравјето на граѓаните, а здравјето е поважно од финансиските импликации“, рече Нуредини.
Досега 4 големи компании доставиле барање до Министерството за животна средина за промена на начинот на работа односно наместо гас да користат друг енергенс. Ниту едно барање не е одобрено, во тек се процедурите за разгледување на барањата.
Од здружението „Еко свест“, кое денеска засади 20 дрвца во Градскиот парк, иста така сметаат дека не треба да се дозволи враќање кон нееколошки енергенси, во ситуација кога земјава се соочува со високо ниво на аерозагадување.
А. АНТЕВСКА