Битолските ВМРО-вци попладнево се собраа пред Комитетот на ВМРО ДПМНЕ во Битола во исчекување Државната изборна комисија (ДИК) да ги соопшти конечните резултати по приговорите од СДСм и од БЕСА за предвремените парламентарни избори на 11 декември. Од Комитетот рекоа дека граѓаните се собрале да протестираат за да не дојде до кражба на гласови и на победата на ВМРО ДПМНЕ.
Собирот беше мирен, со скандирање „Македонија, Македонија“.
Дел од насобраните граѓани ни рекоа дека биле повикани од партијата, а портпаролката Валентина Марковска рече дека спонтано се собрале.
Доцна попладнево приврзеници на ВМРО-ДПМНЕ се собраа и пред седиштето на Државната изборна комисија во Скопје. Собирот беше организиран преку социјалните мрежи бидејќи се очекуваше да почне седницата за одлучување по приговорите од СДСМ и од Беса за гласањето на 11 декември, а членови на ВМРО-ДПМНЕ потврдуваат дека со смс порака биле повикувани да дојдат пред ДИК и наставници и вработени во јавната администрација. ДИК околу 17 часот објави дека седницата ќе се одржи утре, па демонстрантите кусо потоа се се разотидоа.