Специјалната обвинителка Фатиме Фетаи носеше обетки „сваровски“ на денешното судење против обвинетиот Никола Груевски и уште 13-мина други, за насилствата во Општина Центар и нарачаните шамари за Андреј Жерновски. Судијка на овој случај е в.д. претседателката на Основниот суд Скопје 1 Татјана Михајлова.
Претходно, специјалната обвинителка Ленче Ристоска носеше пенкало со „сваровски“ кристал на 28 ноември, на првото рочиште по обвинението на СЈО против ексначалникот на Петтата управа на МВР Горан Грујовски и други шестмина вработени во УБК дека противзаконски запалиле 2.047 службени списи, од кои 22 се однесувале на незаконското прислушување.
Ова се првите два обвинителни предлози на СЈО, а судијка на процесот против Грујовски од УБК е Лидија Петровска, која во „бомбите“ на опозицијата беше споменувана како „сваровски судијката“.
Фразата „сваровски судство“ стана синоним за нефункционирањето на македонската правна држава, откако на 19 март, 2015 опозицијата ја објави таканаречената 12-та „бомба“ од прислушуваните разговори. Во оваа „бомба“ се слуша разговорот меѓу директорот на УБК, Сашо Мијалков и Сафија Лаличиќ непосредно пред нејзиниот избор за судија. Таа го прашува Мијалков кого друг избрале за судија, а откако тој ќе ѝ рече дека ја избрале Лидија Петровска, Лаличиќ вели:
„Е значи, го испуши кај Лидија, и го испуши. Значи, цел ‘сваровски’ ѝ го купи и го испуши… Е што, она пушеше кај Лидија, секој ден ‘сваровски’ поклони ѝ купуваше. И ја купи Лидија за поклоните сега.“
Претседателката на Врховен суд Лидија Неделкова, која во времето на разговорот меѓу Мијалков и Лаличиќ беше претседателка на Кривичниот суд, по бомбата демантираше дека добивала „сваровски“ подароци. На одбележувањето на Денот на правосудството, 31 март, 2015, таа носеше бисери и рече:
„Не сум добивала подароци, како што гледате повеќе сум љубител на бисери отколку на ‘сваровски’“.
Притоа, Неделкова рече дека ги слушнала снимките што ги објави СДСМ, но не е сигурна дека за неа станува збор.
„Јас немам што да го коментирам тоа, бидејќи јас не чув дека токму јас сум таа. Беше споменато Лидија, но има многу Лидии во судството, не знам дали сум баш јас таа“, рече Неделкова.