Серија дојави за бомби и денеска добија низа институции и јавни објекти. Утрово поради дојава за бомба беше затворен Меѓународниот аеродром Скопје, кој по проверките повторно работи.
„Дoсега во СВР Скопје и СВР Битола било пријавено дека на електронските адреси на десет училишта во Скопје и пет во Битола, како и во Фудбалската федерација на Македонија, хотел Александар Палас, хотел Мериот, трговски центар Ист гејт, спортска сала Борис Трајковски и Меѓународен Аеродром Скопје е упатена закана за поставена експлозивна направа. Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на објектите и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случаите“, соопшти МВР.
Дојавата за поставена бомба го затврои хотелот „Александар Палас“ каде денеска во 10 часот требаше да говори премиерот Димитар Ковачевски и министрите за економија и за финансии Крешник Бектеши и Фатмир Бесими на конференција во организација на Советот за унапредување на високото образование и стратешки истражувања во рамки на Стопанска комора на Северна Македонија.
Вчера дојави за бомби добија 49 школи во Скопје и Куманово, а по проверките се потврди дека сите биле лажни.