ЌЕ СЕ ИЗДИГНЕ КРСТОСНИЦАТА ЗА ДА СЕ УСПОРИ ВОЗЕЊЕТО НА УЛИЦАТА ВО ВЕЛЕС КАДЕ ПИЈАН ВОЗАЧ ПРЕГАЗИ 11-ГОДИШНО ДЕВОЈЧЕ НА ПЕШАЧКИ ПРЕМИН

    ЌЕ СЕ ИЗДИГНЕ КРСТОСНИЦАТА ЗА ДА СЕ УСПОРИ ВОЗЕЊЕТО НА УЛИЦАТА ВО ВЕЛЕС КАДЕ ПИЈАН ВОЗАЧ ПРЕГАЗИ 11-ГОДИШНО ДЕВОЈЧЕ НА ПЕШАЧКИ ПРЕМИНУлицата е близу школо, а жителите велат дека млади возачи намерно возат брзо за да се истакнат, (Фото: СДК.МК)

    Велешани реагираа дека на улицата Борис Трајковски треба да се постават легнати полицајци, бидејќи но неа брзо се вози. На оваа улица во саботата вечер пијан возач кој возел брзо прегази 11-годишно девојче на пешачки премин, заедно со родителите, при што девојчето почина.

    „Доста е од тиранија на насилните млади шофери, кои на оваа улица, лудуваат. Тие знаат кога има одмор од часови и пред децата од школо, кои купуваат храна, како фазани се покажуваат. Возат брзо, дрифтуваат. Релацијата им е од доле кај крстосницата кај Маслодајна до споменикот на Бауман. И се вртат во круг, да бидат видени, недокажани и незрели млади мангупи. Една недела пред оваа сообраќајка имаше друга кога повозрасен маж беше удрен од автомобил“, вели сосед од блиската зграда.

    Тој вели дека тоа се случува и во вечерните часови, кога во соседството во паркот од училиштето „Васил Главинов“ се собираат млади, а возачите повторно возат брзо.

    Од локалната власт велат дека е изготвен проект, но тој не предвидува поставување легнати полицајци.

    „На улицата Борис Трајковски“ предвидено е издигнување на цела крстосница, што ќе има поголем ефект од лежечки полицаец со оглед на тоа дека целата крстосница ќе биде зона на смирен сообраќај. Согласно овој сообраќаен проект, во планот за јавни набавки за 2023 година е предвидено да се изготви и градежен проект, а по завршување на сите административни процедури ќе може да се премине во изведба“, вели Општина Велес.

    Од таму велат дека по договор склучен помеѓу Општина Велес и „Виа сигнал“ ДООЕЛ Скопје во септември годинава, поставена е сообраќајна опрема, сообраќајна сигнализација, вертикална и хоризонтална, направи за смирување на сообраќајот и на дел од соседните улици Христо Татарчев и Никола Карев, во непосредна близина на ОУ „Васил Главинов“.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира