Откако на 25 декември лидерот на движењето Беса Билал Касами побара предвремени избори како услов за уставните измени, министерот за надворешни работи Бујар Османи тој став го оцени како погрешен пристап и ја обвини партијата дека е против евроинтеграциите на Македонија. Градоначалникот на Тетово Касами денеска му возврати велејќи дека ДУИ е таа партија која лажно се залага за евроинтеграции, а всушност работи само за партиски интереси и богатење.
„Сигурно сме против евроинтеграции кои ги води Османи и бандата на Груби, зошто тие интеграции не одат напред кон ЕУ, туку водат кон корумпирана власт и власт која не работи во интерес на граѓаните и за забрзување на процесот на евроинтеграциите. Таа води кон назад. Целиот ангажман на групата на ДУИ во Владата е како тие да се збогатат, а не да се оди напред со процесот на евроинтеграцијата. За жал, нивните усти се полни со евроинтеграција, а во реалноста секојдневно работат да нашите млади бегаат во Европа, а не ние како држава да бидеме интегрирани во ЕУ“, рече Касами.
Откако тој кажа дека неговата партија ќе ги поддржи уставните измени само ако има предвремени парламентарни избори, премиерот Димитар Ковачевски рече дека единствено партијата Левица е против зачленувањето на Македонија во ЕУ, додавајќи дека не сака да верува оти Беса на Касами станала заложник на Димитар Апасиев.
З. АНДОНОВ