Македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи, кој денеска е во Киев како претседавачот со ОБСЕ, на средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски побара Русија веднаш да ја прекине агресијата врз Украина. Османи ја изрази поддршката за украинската Влада, и рече дека ОБСЕ го поддржува украинскиот народ и напори за враќање на мирот и стабилизација на регионот, соопшти МНР.
„Импресивна е пожртвуваноста и посветеноста на претседателот Зеленски во заштита на украинскиот народ и храброста во соочувањето со предизвиците и последиците од агресијата на Руската Федерација врз Украина. Ја повикувам Русија веднаш да стави крај на агресијата. ОБСЕ го поддржува украинскиот народ и ќе продолжи одблизу да ја набљудува состојбата. Неопходна е оваа поддршка на украинските напори да се врати мирот и да изгради стабилна иднина за нејзините граѓани”, рече Османи.
Тој кажа дека ОБСЕ ги има механизмите и капацитетот да им помогне на луѓето од конфликтните подрачја преку работата на терен и дека еден од првите чекори треба да биде итното враќање на теренска мисија на ОБСЕ во Украина.
Посетата на Османи на Украина е во рамките на реализацијата на еден од главните приоритети на претседавањето на Македонија со ОБСЕ во 2023, во кое фокус се става кон луѓето на терен кои се најпогодени од воената агресија, велат од МНР.