Германската полиција истражува можен терористички напад, откако синоќа камион се втурна во божикен панаѓур во центарот на Берлин при што 12 луѓе загинаа, а 48 се повредени. Возилото, голема црна „сканија“, влета во пазарот пред црквата „Кајзер Вилхелм“, а возачот е уапсен, и според безбедносен извори тој е Авганистанец или Пакистанец, барател на азил. Тој дошол како бегалец во Германија во февруари.
Според медиумите, тој ѝ бил познат на полицијата за ситен криминал, но не и за врски со тероризам. Германските политичари со часови по нападот избегнуваа да го сметаат за терористички чин, но министерот за внатрешни работи Томас де Мезие изјави дека „има многу нешта кои укажуваат дека станува збор за тероризам“.
Возачот на камионот е упасен откако избегал и пеш тргнал кон блискиот парк Тиергартен. Сведок го следел скоро 2 км и пријавил во полиција, која го уапсила близу Споменикот на победата.
Полицијата соопшти дека сопатникот во камонот бил најден мртов, и дека бил Полјак. Се стравува дека тој бил првичниот возач на камионот и дека бил киднапиран. Ариел Зуравски, полскиот сопственик на камионот, потврди дека возачот бил негов братучед и дека исчезнал по 16 часот. Нападот се случи во 20.14 часот.