ОБОДНИОТ КАНАЛ НА БАИР Е ДИВА ДЕПОНИЈА И ЈА ПОПЛАВУВА БИТОЛА ПРИ ПОРОЈНИ ВРНЕЖИ

    ОБОДНИОТ КАНАЛ НА БАИР Е ДИВА ДЕПОНИЈА И ЈА ПОПЛАВУВА БИТОЛА ПРИ ПОРОЈНИ ВРНЕЖИПри секој пообилен дожд улиците под битолски Баир стануваат реки и се поплавуваат визбите, гаражите и дворовите на куќите. (Фото: СДК.МК)

    Сливниците и решетките во населбата Баир можеме секој ден да ги чистиме, а после секој пороен дожд да имаме проблеми зашто ободните канали околу Битола со години не се исчистени, рече Зоран Талевски, директор на Јавното претпријатие „Нискоградба“ од Битола. Еден од најпроблематичните е ободниот канал во населбата Баир кој наместо да служи за прифаќање на атмосферските води при поројни дождови, сè почесто станува дива депонија.

    Од Регионалното географско друштво „Гоефсера“ досега во повеќе наврати алармирале дека е неопходно итно и неодложно чистење на каналот. Тие предупредија дека каналот за прифаќање на поројните води, проектиран пред 40 години, е целосно потрупан со отпад и не ја врши функцијата за која е изграден. Поради тоа за време на поројни врнежи, смет, земја и кал се слева од баирските ридишта до центарот на градот. Поради ова, при секој пообилен дожд улиците под битолски Баир стануваат реки и се поплавуваат визбите, гаражите и дворовите на куќите.

    Од „Нискоградба“, задолжено за одржување на сливниците, велат дека при елементарни непогоди не постои канализационен систем кој можи да ја прифати целата вода. Но, посочуваат дека кога не се работи на инфраструктурни проекти, цел капцитет го вложуваат во чистење на сливниците.

    „Ги има илјадници на број, дека секој е исчистен не можам да кажам, но дека во континуитет работиме, тоа е точно, секако според приоритет на улиците, прво центарот, а потоа кон периферијата“, вели директорот Талевски.

    Но, чистењето на одводните канали не е во нивна надлежност.

    „Со години ободните канали околу Битола не се чистени. Разговараме со Општината и правиме напори да влеземе и во тој дел да интервенираме. Сливниците и решетките во населба Баир можеме секој ден да ги чистиме после секој пороен дожд, бидејќи ободните канали не се во добра состојба може да имаме проблеми и понатаму. После секој пороен дожд ќе се полнат решетките и сливниците во Баир“, додава Талевски.

    Од Општина Битола велат дека кон крајот на минатата година спровеле акција за чистење на ободниот атмосферски канал во Баир, но потребни се зачестени активности за негово одржување, кои ќе продолжат штом дозволат временските услови.

    „Во текот на декември, јавните претпријатија ‘Комуналец’, ‘Нискоградба’ и ‘Водовод’, спроведоа активности за расчистување на ободниот канал, но имајќи ја предвид моменталната состојба, констатирано е дека потребно е да се спроведат подолготрајни активности за расчистување. Во моментот, поради временските услови, оневозможена е интервенција со потребната механизација, така што според планираните активности, претпријатијата ќе продолжат со чистење веднаш кога временските услови ќе го дозволат тоа“, соопштија од Општина Битола.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира