Уште не е готов кружниот тек кај „Хубо маркет“ кој Град Скопје почна да го гради во јули 2021, односно пред година и пол. На оваа прометна крстосница постојано има големи гужви, а сега се уште поголеми поради градежните работи. Улицата е раскопана, со градежни машини и колони возила кои чекаат да го минат овој дел.
Нема абер ниту реализацијата на капиталниот проект за Скопје, клучката кај Момин Поток со која треба да се реши тесното грло на овој потег во градот. Иако на терен има градежни машини се работи со многу бавна динамика. Иако се почна да се работи пред година и пол, на терен уште не се наѕира клучката, туку досега само се копа ридот каде треба таа да се гради.
При почетокот на градежните работи, тогашниот градоначалник Петре Шилегов кажа дека кружниот тек и клучката ќе бидат готови за 2 и пол години со што Скопје ќе добие еден нов модерен лик. Но, овој рок нема да се испочитува бидејќи уште е на почеток изградбата на клучката која е најсложениот проект којшто Градот го работел.
Од кабинетот на градоначалничката Данела Арсовска само кусо ни одговорија дека изградбата на проектот „Клучка Момин Поток“ нема никаков застој и рокот за изведба е до февруари 2024 година.
Според проектот, со цел да се намали сообраќајниот метеж на овој потег се предвидува изградба на 2 кружни тека, првиот треба да ја замени крстосницата кај булеварот 8 Септември и улицата Скупи, а вториот треба да ја замени крстосницата на булеварот Никола Карев и патот кон Визбегово, обиколницата и косовската граница. Од вториот кружен тек улицата продолжува до крстосницата со булевар Словенија каде што се поврзува со булеварот Словенија и со булеварот Босна и Херцеговина.
Изградбата на кружниот тек и клучката чинат 18 милиони евра.
Оваа сообраќајница е една од клучните градски сообраќајници бидејќи дневно овде поминуваат 25.000 возила и метежот е голем.
А. АНТЕВСКА