СОВЕТНИЦИТЕ ВО ГРАД СКОПЈЕ НЕ ЈА ПРИФАТИЈА ИНИЦИЈАТИВАТА НА СДСМ ВЛАДАТА ДА ЈА ПРЕЗЕМЕ УНИВЕРЗАЛНА САЛА ОТИ АРСОВСКА НЕ ЈА ПРАВИ

    СОВЕТНИЦИТЕ ВО ГРАД СКОПЈЕ НЕ ЈА ПРИФАТИЈА ИНИЦИЈАТИВАТА НА СДСМ ВЛАДАТА ДА ЈА ПРЕЗЕМЕ УНИВЕРЗАЛНА САЛА ОТИ АРСОВСКА НЕ ЈА ПРАВИУниверзална сала е затворена 7 години.(Фото: К.Попов)

    Советниците во Советот на Град Скопје не ја прифатија иницијативата на советниците од СДСМ Владата да ја преземе Универзална сала. Координаторката на советничката група на СДСМ побара оваа иницијатива да биде ставена како дополнителна точка на дневен ред. Во образложението се вели дека оваа одлука е бидејќи градоначалничката Данела Арсовска не ја прави концертната сала и откако е дојдена на функција таа скапува.

    Но, точката не беше ниту ставена на дневен ред бидејќи советниците од другите советнички групи не ја гласаа. За неа гласаа само 9 советници од коалицијата на СДСМ кои беа во салата. СДСМ во Советот има 12 советници, но на гласањето беа само 9.

    Претседателот на комисијата за култура Страшо Ангеловски рече дека не е итно оваа точка да биде ставена на дневен ред, со оглед на тоа дека тој побарал образложение од Министерството за култура.

    Бидејќи станува збор за неколку правни нешта барав средба со министерката за култура и после таа средба планирав да закажеме седница на комисијата за култура, на која ќе продискутираме сите советнички групи и да поднесеме една таква заедничка иницијатива. Ако 5-6 години сме чекале, може да почекаме и 5-6 дена“, рече Ангеловски.

    Универзална сала е затворена 7 години. Градежните работи за реконструкција почнаа во септември 2021 во мандатот на ексградоначалникот Петре Шилегов. Според проектот, салата требаше да се гради во две фази, прво надворешноста за што беа обезбедени околу 2 милиона евра од Владата и префрлени на наменска сметка на Град Скопје. По завршување на надворешноста ќе се преминеше кон втората фаза, внатрешноста. Според најавите, првата фаза требаше да биде готова до крајот на 2022.

    Но, по доаѓањето на функција на Арсовска градежните работи беа прекинати. Градоначалничката го обвини минатото раководство на Градот дека е виновно што концертната сала не се гради оти направило небезбеден проект. Арсовска за оваа тема се искара со Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ), проектантите и со министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, на прес-конференцијата која лани во февруари ја свика Министерството за култура за наоѓање заедничко решение и договор за соработка.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира