Министерот за правда Кренар Лога го потпиша решението со кое се одбива како неосновано барањето за одобрение за користење на името „Иван Михајлов” во називот на бугарскиот Културен центар во Битола. Министерот Лога го потпиша решението имајќи го предвид негативното мислење на Комисијата за употреба на имиња на личности, која денеска одржа седница и во образложението наведе дека дека именувањето на какво било здружение на граѓани со името Иван (Ванчо) Михајлов е провокација за националните чувства на македонскиот народ, имајќи предвид дека се работи за личност блиска со фашистичка идеологија кој со своето дејствување ја негирал посебноста на македонскиот народ.
„Величењето и славењето на неговиот лик и дело предизвикуваат нетрпеливост, нетолеранција и омраза во македонското општество“, соопштија од Министерството за правда.
Во членот 9-а од Законот за здруженија и фондации за употреба на име, презиме, псевдоним, прекар, кратенка или иницијали на личност, наведено е дека согласност дава министерот за правда по претходно добиено позитивно мислење од Комисијата за употреба на имињата на личности.
Ж. ЗДРАВКОВСКА