МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ТРУД ВО ТРИ ДЕНА ГИ ОДЗЕДЕ, ПА ГИ ВРАТИ ИНГЕРЕНЦИИТЕ НА ДИМИТРИЕВСКИ ЗА ИМЕНУВАЊЕ ДИРЕКТОР ВО ГРАДИНКАТА „АНГЕЛ ШАЈЧЕ“

    МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ТРУД ВО ТРИ ДЕНА ГИ ОДЗЕДЕ, ПА ГИ ВРАТИ ИНГЕРЕНЦИИТЕ НА ДИМИТРИЕВСКИ ЗА ИМЕНУВАЊЕ ДИРЕКТОР ВО ГРАДИНКАТА „АНГЕЛ ШАЈЧЕ“Димитриевски вели дека со ваквите постапки од министерствата и Владата се врши притисок врз градоначалникот и локалната самоуправа при избор на директор. (Фото: СДК.МК)

    Министерството за труд и социјална политика пред два дена и ги одзеде ингеренциите на Општина Куманово за именување директор во градинката „Ангел Шајче“, но денеска се премисли и го повлече решението. Градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски, денеска на прес-конференција обвини дека исто како и пред четири години кога останале без надлежност во време на избор директор во градинката, и сега се применило истото сценарио.

    „На 29 март, без инспекциски надзор за социјалната заштита од ресорното министерство, добив укажување на одредени материјални и процедурални забелешки во работата на органите на Општината, со кое ми предочија дека во најкус можен рок од еден ден по прием на укажувањето да отпочнам постапка за јавен оглас за избор на директор на градинката ‘Ангел Шајче’ во Куманово. Од Општината веднаш постапивме по укажувањето и на 31 март е издадено решение за објавување јавен оглас за избор на директор, кое е испратено до ресорното министерство и до јавната установа. За жал, и покрај тоа што беше постапено по укажувањето, на 3 април од ресорната министерка издадено е решение за одземање на вршење соодветни дејности на градоначалникот на Општина Куманово, а поврзани со избор на директор во оваа јавна установа. По вторпат се врши обид и делумно да се одземат надлежностите на локалната самоуправа од министерот, кој треба да ја објасни постпаката и како е издадено ова решение, бидејќи Општината нема прекршено ниту еден законски пропис“, кажа градоналаникот Димитриевски.

    Тој вели дека со ваквите постапки од министерствата и Владата се врши притисок врз градоначалникот и локалната самоуправа при избор на директор, при што се прави централизација на власта за да се поставт нивни кадровски решенија.

    Од Министерството за труд и социјална политика велат дека веќе е поништена одлуката откако стигнало известување од Општина Куманово дека е отпочната постапката.

    „По добиено известување од ЈОУДГ ‘Ангел Шајче’ Куманово дека мандатот на постојниот директор завршува заклучно со 31.05.2023 година, Управниот одбор на јавната установа на 01.03.2023 година го известил градоначалникот да донесе одлука за објавување на оглас за избор на директор. Бидејќи градоначалникот не постапил по известувањето Министерството за труд и социјална политика на 27. март му достави укажување за постапување, согласно Законот за заштита на децата со оглед на итноста од еден ден. Бидејќи во рокот градоначалникот не постапи беше донесена одлука за одземање на ингеренциите на ден 03.04.2023 година. Следниот ден градоначалникот доставил одлука до градинката, а денес 5.04.2023 го извести и министерството дека ја донел спорната одлука на ден 31.03.23. Бидејќи е постапено по укажувањето одлуката за одземање на ингеренциите министерството ќе ја поништи“, соопшти Министерството.

    Пред четири години, Министерството му ги одзеде ингеренциите на градоначалникот Димитриевски и го продолжи мандатот на актиуелната директорка Марина Алексовска, која е на чело на градинката 20 години и сега заминува во пензија.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира