Министерот за образование Јетон Шаќири предлага итна проценка на безбедносните ризици за учениците на социјалните мрежи, а Министерството за образование и наука (МОН) изработува протоколи со кои дури и ќе се забрани нивно користење во школите. Мерката следи по масовните пукања во Белград и околината на Младеновац во Србија, во кои беа убиени вкупно 17 лица. Убијците се 14-годишен ученик и 20-годишник.
„Земајќи ги предвид случувањата во соседна Србија, а со цел намалување на сите можни ризици и закани за безбедноста на учениците и наставниците во училишна средина, на Владата и безбедносните органи ќе им предложам итна проценка на состојбите и безбедносните ризици, кои што во голема мера се потхрануваат од одредени социјални мрежи, како ТикТок. Имајќи предвид дека истите не треба да се користат во училишна средина, МОН веќе изработува протоколи и насоки за стручните служби на училиштата и наставниците, како тие ризици би се минимизирале, а нивната употреба да се ограничи или целосно да се оневозможи“, соопшти министрерот Шакири.
Шакири ги повика сите наставници, како и родители, на поотворен дијалог, „надминување на шокот и неверувањето, промоција на разбирањето и позитивните согледувања, со цел да се помогне на своето дете, како и на децата околу нас, бидејќи тие се најзагрозената категорија во моментот“.
Тој соопшти дека во консултација со експертската заедница од повеќе институции и факултети, дополнително ќе се зајакнат превентивните програми за борба против булингот и врсничкото насилство, промоција на ненасилството и дијалогот, како клучни елементи за образование и развој на учениците.
Вчера, МОН ги отвори електронските адреси [email protected] и [email protected], на кои ќе може да се пријавува меѓуврсничко насилство. Адресите се веќе активни и министерот Шаќири најави дека по секоја пријава веднаш ќе се постапува.
Денеска, на средбата со министерот Шакири, Сојузот на средношкоци побара МОН да ги тестира знаењата на школските педагози, психолози и социолози за новното разборање и помош за проблемите на учениците.