ПИСАТЕЛКА НАПИШАЛА ДЕТСКА КНИГА ЗА ТАГАТА ОТКАКО Ѝ ПОЧИНАЛ СОПРУГОТ, СЕГА Е ОБВИНЕТА ДЕКА ГО УБИЛА

    ПИСАТЕЛКА НАПИШАЛА ДЕТСКА КНИГА ЗА ТАГАТА ОТКАКО Ѝ ПОЧИНАЛ СОПРУГОТ, СЕГА Е ОБВИНЕТА ДЕКА ГО УБИЛАКури Ричинс е обвинета за труење на сопругот со смртоносна доза фентанил. (Фото: АП)

    Откако нејзиниот сопруг починал минатата година, Кури Ричинс напишала детска книга за тагата. Сега таа е обвинета дека го убила. Ричинс (33) е уапсена и е обвинета за труење на сопругот со смртоносна доза фентанил во нивниот дом во Камас, мало планинско гратче во близина на Парк Сити.

    Обвинението за убиство е по неколку месеци откако Ричинс самостојно ја објави „Дали си со мене?“, илустрирана книга со приказни за младо момче кое се прашува за присуството на татка си во неговиот живот откако тој ќе умре. Обвинителите тврдат дека Ричинс ги повикала властите среде ноќ во март 2022 и им рекла дека сопругот, Ерик Ричинс, бил „ладен на допир“. Таа им кажала на полицајците дека на сопругот му направила мешан пијалок за да го прослави продавањето на домот. Таа потоа отишла да смири едно од нивните деца кое спиело во соседната спална соба. Подоцна се вратила и откако видела дека нејзиниот сопруг не реагира, повикала итна помош. Подоцна, лекарот открил фентанил во пет пати поголема доза од смртоносната во неговиот организам.

    Покрај обвинението за убиство, Ричинс се соочува и со обвиненија за наводно поседување ГХБ – лек за нарколепсија што често се користи во рекреативни прилики, меѓу кои и во танц клубови. Обвиненијата се засноваат на интеракциите на полицајците со Ричинс таа вечер и на исказ на „неименуван познаник“ која тврди дека ѝ го продал фентанилот. Познаникот им рекол на иследниците дека на Ричинс ѝ продал опиоид хидрокодон еднаш и фентанил двапати – во февруари и март 2022. Во обвинението се наведува дека Ричинс избришала СМС пораки од ноќта на смртта на нејзиниот сопруг пред да го предаде телефонот на истражителите и дека можеби се обидела да го отруе сопругот на Денот на вљубените, еден месец пред неговата смрт.

    „Набргу по нивната вечера, на Ерик му се слошило. Ерик верувал дека бил отруен. Ерик му рекол на еден пријател дека мислел оти неговата сопруга се обидува да го отруе“, напишале инспекторите за инцидентот на Денот на вљубените.

    Во книгата на Ричинс, момчето се прашува дали неговиот татко, кој починал, ги забележува неговите голови на фудбалски натпревар, нервозата на првиот училишен ден или подароците што ги нашол под новогодишна елка. „Да, јас сум со тебе“, одговара татковска фигура облечена во ангелски крила и со камионџиска капа. „Јас бев со тебе кога го даде голот… Јас сум со тебе кога шеташ по ходниците… Јас сум тука и ние сме заедно“.

    Ричинс изјави за локалните медиуми дека одлучила да ја напише „Дали си со мене? откако нејзиниот сопруг неочекувано почина минатата година, оставајќи ја вдовица со три момчиња. Таа рече дека барала материјали за деца кои тагуваат за смрт на блиски и дека нашла малку ресурси, па решила да создаде свои. Планирала да пишува продолженија.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира