ПРОЕКТИ НА ЛИЦА БЛИСКИ ДО ВМРО-ДПМНЕ ДОБИЈА НАЈМНОГУ ПАРИ ОД ОПШТИНСКАТА ПРОГРАМА ЗА КУЛТУРА, ОД ОПШТИНА БИТОЛА ВЕЛАТ НЕМА ПАРТИСКО ВЛИЈАНИЕ

    ПРОЕКТИ НА ЛИЦА БЛИСКИ ДО ВМРО-ДПМНЕ ДОБИЈА НАЈМНОГУ ПАРИ ОД ОПШТИНСКАТА ПРОГРАМА ЗА КУЛТУРА, ОД ОПШТИНА БИТОЛА ВЕЛАТ НЕМА ПАРТИСКО ВЛИЈАНИЕЛидерот Мицкоски беше гостин на новата манифестација „Баница 1903“ која доби 3.200 евра. (Фото: СДК.МК)

    Над 200.000 денари (над 3.200 евра) се одобрени да се издвојат од општинскиот буџет на Битола, конкретно од Програмата за култура 2023, за новата манифестација „Баница 1903“ што пред пет дена се одржа во Офицерскиот дом во Битола, а на која присуствуваше и лидерот на опозиционата ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Според објавената листа со одобрени апликации на страницата на Општина Битола, токму оваа е една од новите манифестации кои ќе добијат најмногу пари.

    Како подносител се јавува Јавност-Битола, а Мицкоски на неговиот фејсбук-профил напиша: „Имав чест да присуствувам на настаните за големиот Гоце Делчев ‘Баница 1903 стратегот на македонскиот универзум’ од Зоран Пејковски и 100 години од документарниот филм ‘Македонија во слики’ од Арсениј Јовков’“.

    На Пејковски од истата ставка му се одобрени уште 180.000 денари за театарскиот перформанс „Фитилот договорува“, па 200.000 денари на Здружението на филмски продуценти од Скопје за Месец на европскиот филм, 150.000 денари за детската претстава „Сонувам“ на „Бабец Театар“, каде еден од основачите е и актерот Васко Мавровски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ во Битола. Од целата програма најмногу средства, 300.000 денари (4.900 евра) одат за манифестацијата Парко 2047 на „Парко продкција Битола“, па 200.000 денари за Локум фест и други.

    Меѓу културните работници кои се поддржани годинава, има и такви кои исто така добија општински средства од „Битфест“ пред 6 години кога градоначалник беше Владимир Талески, а беа меѓу најгласните на протестите на „За заедничка Македонија“ по што се случи и организираниот напад на Собранието на 27 април во 2017.

    Одобрените апликации предизвикаа политички реакции во Битола. Опозиционата СДСМ обвини дека бесрамно се делат огромни суми на пари од Општината на сопартијци и блиски луѓе од ВМРО-ДПМНЕ, а познати и признати битолски уметници добиваат што ќе остане.

    „Со општински пари си направија партиска седенка на која присуствуваше и Мицкоски. Па, Мавровски освен 150.000 денари за својот театар ќе добие и 70.000 денари за Светска уметничка конференција, Здружението Мустафа Кемал Ататурк на активистот на ВМРО –ДПМНЕ Шенмол Мемиш добило 60.000 денари, а стото здружение ќе добие плус 60.000 за второто издание на тријазичната монографија ‘Мојот град’, па 150.000 денари за Еден поинаков историски час на Александар Јаневски од Патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ“, соопшти СДСМ Битола.

    Од Општина Битола одговорија дека изборот го прави стручна комисија, врз основа на јасно дефинирани критериуми и со соодветни образложенија. Од таму нагласуваат дека „културата не познава политички партии и тие мора да останат надвор од неа, на што оваа локална самоуправа континуирано работи и што е многу лесно видливо од целосната листа на одобрени проекти и апликации, каде подеднакво застапени се симпатизери или членови на сите политички партии, зошто сите тие се граѓани на Битола“.

    „Партиската припадност во ниту еден повик не е критериум за избор и истото треба да остане понатамошна пракса во работењето“, соопштија од Општината.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира