ДОЈРАН ПРАВИ ВЕЛОПАТЕКА ЗА ЕЛЕКТРИЧНИ ВЕЛОСИПЕДИ КАДЕ ШТО БИЛ ФРОНТОТ ВО ПРВАТА СВЕТСКА ВОЈНА

    ДОЈРАН ПРАВИ ВЕЛОПАТЕКА ЗА ЕЛЕКТРИЧНИ ВЕЛОСИПЕДИ КАДЕ ШТО БИЛ ФРОНТОТ ВО ПРВАТА СВЕТСКА ВОЈНАПатеката ќе биде во должина од 16 километри со соодветни патокази, клупи за одмор и летниковци. (Фото: СДК.МК)

    Преку Центарот за развој на Југоисточниот Плански Регион, Дојран ќе добие 20 електрични велосипеди. Освен електрични велосипеди, согласно потпишаниот договор, се очекува да биде поставен и паметен полнач за електрични автомобили со соодветен софтвер, градски информативни ЛЦД табли,  како и инсталација на безжична опрема за интернет конекција. Целиот проект чини околу 87.000 евра.

    Според техничката спецификација, електричните велосипеди  се за планински велосипедиам.  Со едно полнење можат да се поминат минимум 45 километри, при што развиваат брзина до 32 километри на час.  Велосипедите ќе бидат поврзани со софтвер за контрола во реално време, што ќе го регистрира и начинот на користење и однесувањето на корисникот во однос на движењето.

    За таа цел, изминатиот период Општина Дојран вршеше машинско порамнување на постојната траса, но и пробивање нова долж фронтовата линија од Првата светска војна над градот. Патеката ќе биде во должина од 16 километри со соодветни патокази, клупи за одмор и летниковци.

    „Благодарение на овој проект во Општина Дојран освен класичниот езерски туризам ќе се развиваат и алтернативни форми на туризмот како што е оф роуд велосипедизмот, за што ние како Општина посебно се залагаме. Со оваа инвестиција ќе имаме зголемен број активности, ќе се организираат рекреативни тури, како и спортски натпревари кои во иднина ќе придонесат голем број вљубеници на велосипедизмот да се приближат кон природата, да рекреираат, но и подобро да ги запознаат природните убавини и богатата историја која ја нуди Дојран “, соопшти градоначалникот на Дојран Анго Ангов.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира