Дванаесетгодишниот Илија Георгиев редовно игра за фудбалскиот клуб Мармарас во Грција. Ја посетува познатата фудбалска школа од ова приморско гратче на полуостровот Ситонија и според тренерот на клубот, редовно тренира со пионерската и младинската екипа за играчи над 14 години, иако е две години помлад од останатите.
„Мајка ми е од Радовиш, а татко ми од струмичкото село Василево. Пред петнесетина години дошле на работа во ова гратче и тука останале“, на течен македонски јазик ни кажа Илија.
Како што вели Георгиев, добро е примен од соучениците, одличен ученик е и слободното време најмногу го поминува на фудбалското игралиште кое се наоѓа на крајот од градот. Не му пречи дотаму да оди пешки на тренинг.
Од талентот и упорноста на Илија се задоволни и тренерите и управата. Сениорската екипа на Мармарас игра во третата лига, па со оглед на тоа, управата одлучила да се фокусира на фудбалски школи за пионери и младинци и на тој начин да создаде млада и перспективна екипа за иднина.
Младиот македонски фудбалер навива за Партизан, но во срцето му се Академија Пандев и Горан Пандев, за кои со воодушевување зборува.
Т. ЈОВАНОВСКИ